Кипарскиот клуб минатата сезона се пласираше во групната фаза од Лигата на шампионите, откако во плејофот убедливо го совлада данскиот Алборг со вкупен резултат 5-1. АПОЕЛ падна во група со Барселона, Ајакс и ПСЖ и очекувано во таква конкуренција заврши на последното место со еден освоен бод против Ајакс во Никозија.
За тоа колку сериозен клуб е АПОЕЛ зборуваат и 62 натпревари одиграни во Лигата на шампионите, каде кипарскиот состав има 18 победи, 16 нерешни и 28 порази со 68 дадени и 88 примени голови. АПОЕЛ изминатава сезона ја освои двојната круна во кипарското првенство по што трофејната сала сега им брои 24 титули, 21 куп и 13 Супер купа.
Во сезоната 2013/2014, АПЕОЛ одигра успешна сезона и во Лигата на Европа каде влезе во групната фаза и го освои третото место во конкуренција со Макаби Тел Авив, Ајнтрахт Франкфурт и Бордо.
Најславна сезона во историјата на клубот беше 2011/2012, кога во составот играа Иван Тричковски и Бобан Грнчаров. АПОЕЛ таа година стигна дури до четвртфиналето на ЛШ каде играше против Реал Мадрид. Претходно заврши прв во групата со екипи како Порто, Шахтјор и Зенит Санкт Петербург.
Клубот е вистинска колонија на странци. Најпознат играч во моментов е Џон Арне Рисе, некогашниот лев бек на Ливерпул. За АПОЕЛ играат 4 Бразилци (Винисиус, Чоко, Вандер Виера и Карлао), еден Аргентинец (Томас де Винсенти), Босанецот Семир Штилиќ, Португалците Нуњо Мораиш и Марио Сержо како и Шпанците Урко Пардо и Ињаки Астиз. Тренер на клубот е Португалецот Домингос Пасиенсија, кој во кариерата ги водеше Порто, Брага, Спортинг, Депортиво Ла Коруња и Виторија Сетубал. Освен Грнчаров и Тричковски, жолто-синиот дрес од македонските фудбалери го носеа уште и Јане Николовски, Горан Лазаревски и Милан Стојановски.
Член на АПОЕЛ е и македонскиот интернационалец, напаѓачот Валмир Нафију, кој фудбалски израсна во тетовска Шкендија, а подоцна играше и во Хамбургер.
АПОЕЛ последен пат играше против некој наш тим пред пет години кога го елиминираше битолски Пелситер во квалификациите за Лига Европа.
Еве што ги очекува Вардарци во Никозија на првиот меч: