На кинеската инвестициона група која што се договори со Силвио Берлускони за купување на Милан и за таа прилика уплатија две рати од по 85 и 15 милиони евра, сега во Хонг Конг ѝ откриле фалсификат во документацијата за банкарските гаранции пред почетокот на преговорите со Милан.
Sino-Europe Sports Investment Management Changxing Co, предводена од бизнисменот Ли Јонгхонг веќе уплати 100 милиони евра на Фининвест, водечката компанија на Берлускони која беше сопственик на клубот. Дека работата е договорена покажуваше и соопштението на Фининвест во кое наведоа дека Силвио Берлускони ќе се повлече до крајот на годината.
Поранешниот италијански премиер со Кинезите се договорил за продажба на најголем дел од акциите во Милан за 740 милиони евра.
Но, во Хонг Конг откриле, а Bloomberg пренесе дека кинеската групација подвалила документ од една банка од Џиангсу според која на располагање имаат повеќе од 100 милиони евра.
Истражувачкиот новинар Томазо Ебхарт објави како дошле до сознанијата за фалсификат:
Гаранциите наводно биле лажирани и тоа го потврдила самата банка од која тврдат дека никогаш не издале никаква гаранција на групацијата.
Сега се поставува прашањето што ќе се случи со продажбата, односно купувањето на славниот Милан. Вложувачите досега вложија 100 милиони евра и тоа не е спорно, но се обврзале дека ќе платат уште 350 милиони евра до крајот на оваа година. Планираа изградба на нов стадион, санација на сите долгови и опоравување на трофејниот клуб, но сега врз целата ситуација е фрлено потполно ново светло.
Се очекува реакција на компанијата Фининвест која досега ниту демантираше ниту потврди постоење на ваков фалсификат од Кинезите.