Кармата на Гери Невил

Англичанецот го одбра најлошиот момент во Валенсија за да стане тренер на овој клуб, а синоќа ги голтна зборовите од лани кога рече дека не би можел да ги гледа во очи фамилијарните доколку некогаш загуби 7:0.

До почетокот на зимава, Гери работеше како стручен коментатор за Скај Спортс. Преку тие настапи тој заслужи огромно уважување и понуда за нов договор во износ од 3 милиони фунти годишно. Меѓутоа новиот договор не се потпиша, Гери беше упорен и ја одби понудата на каналот.
 
На 2. декември стигна во Шпанија и потпиша договор со Валенсија до крајот на сезоната, но и покрај тоа од Скај Спортс му ги отворија вратите и кога сака може да се врати. Судејќи по резултатите на Валенсија со Англичанецот, ова кога сака може да се случи уште денес.
 

Со Гери Невил, „Лилјаците“ забележаа 4 победи и сите во Купот. Валенсија славеше против Баракалдо два пати (трета лига), Гранада (19. во Примера) и Лас Палмас (16. во Примера). Сепак сонот за трофејот цинично во полуфиналето им го погази Барселона.
 
Зајадливите луѓе веднаш се сетија на еден момент: На 15. април минатата година, Невил во студиото на Скај изјави дека „не би можел да го погледне семејството во очи веќе никогаш кога негов тим би загубил 7:0“.

Две работи се очигледни:
- Невил го преценил своето тренерско знаење.
- Валенсија со португалската струја на Хорхе Мендез не би ја спасил ниеден тренер.

Со прифаќањето да застане на чело на Валенсија, Невил ја ризикуваше тренерската репутација и углед. Со иднината на Гери Невил сè е јасно - тој ќе се врати со еден куп приказни од Шпанија. Со Валенсија е посложено.

Настаните во последните неколку месеци се резултат на анархијата во клубот. Сопственикот Питер Лим игра авантуристички: За Гери Невил изјави дека го поставува за тренер поради тоа што „е добар тренер", а не дека се пријатели.

Питер Лим, од спасител до гробар на Валенсија

Азискиот претседател не троши многу пари на играчи, туку дава благослов само на оние кои се во пропорција со агенцијата на Хорхе Мендез. Трансферите кои му донесоа некаква корист на клубот може да се избројат на прстите од раката на милијардерот. Навивачите на клубот од Местаља сметаат дека тој ја користи Валенсија за перење валкани пари.