Играл со скршено стопало
Карлес доцна стигнал во школската соблекувална, сите дресови веќе биле поделени, но тренерот го смирувал: „Во второ полувреме ќе заменам некој и ќе го земеш неговиот дрес“. Да игра во испотен дрес? Прекрасно, фала.
Пујол заиграл во средниот ред во последните десет минути, но ниту еднаш не ја допрел топката. Година дена подоцна - првенство на Каталонија, Пујол влезе во првиот тим, но во вториот меч го скршил палецот на десната нога.
Иако тешко ја облекувал десната копачка, тој продолжил да тренира. Неговата школска екипа го освоила третото место. На следниот турнир во Тарагона, Карлес незгодно паднал на рака, тренерот Ортега го измасирал да му ја ублажи болката и на крајот завршиле на второто место на турнирот. Утрото веста: Две скршеници на коски и гипс еден месец. Но после три недели се играл нов турнир. Кој ќе чека цел месец? Земал шило и ножици, го извадил гипсот и застанал на идеална позиција за човек со скршена рака - голман. После осум месеци, Барселона го викнала Пујол на тринеделна проба.
Секој ќе помисли: Како е добро, до вчера немало дрес за него во школскиот тим а сега оди во Барселона, но ретко кој помислува дали е тоа едноставно и лесно? Три години претходно, додека играл во локалниот тим Pobla de Segur во регионалната лига, Барса играла во финалето на Купот на шампионите на Вембли.
За 90 минути игра, Стоичков и Бакеро не можеа да го совладаат Паљука, па тоа мораше да го стори Роналд Куман со еврогол од слободен удар во продолженијата. Карлес скокнал од каучот, го гушнал татко му, така што овој не можел да го види моментот кога Алешанко го замени Гвардиола. Но и онака Барса славеше.
Тој меч беше последен кој Барса го играше во опремата Meyba, каталонскиот производител на спортска опрема. Meyba 13 години ја облекувал Барса, но договорот истекол и Каталонците се договориле со торинска Kappa, од која добивале 500 милиони пезети за три години.
Kappa соработуваше и со Ајакс, Јувентус, Ферари, како и со олимпискиот тим на САД - накратко беше достоен партнер за најдобриот тим во Европа. Но само година дена подоцна Италијанците ги погоди финансиска криза, престанале да плаќаат, а Барса основала трета фирма Sport Kappa, формирана од тројца каталонски бизнисмени.
Учителката го препорачала во Барса
Жената на еден од нив, Антони Оливерес, работела како учителка во школата Famiglia Sagrada, а еден од учениците било детето кое играло во испотениот дрес со двојна скршеница на раката. Освен тоа, Оливерес имал имот во местото Мас де Грас, каде Карлес во школските денови возел трактор кај дедо му и баба му.
Потоа Оливерес го посоветувал координаторот на младинците на Барса, Хозе Рамон Алешанко да го види малиот Пујол на проба. Главниот скаут на Барса, Ориол Торт веќе ги гледал школските турнири во Побла де Сегур каде што играл и Пујол, но заминал после првото полувреме од еден меч на школото на Карлес.
Торт ја оценувал перспективата на играчите по тоа како ја примале топката и му требало десет минути да сфати кој е талентиран. Заминал на паузата, се вратил во Барселона и не видел како во второто полувреме Карлес го дал победничкиот гол. Тренерот на Побла, Жорди Маури го утешил Пујол: „Не се секирај. Имам пријател во Сарагоса, ќе ти договорам проба, но претходно ќе мора да се испотиш добро“. Пујол почнал да тренира час повеќе од останатите. Една недела пред да оди во Сарагоса, му се јавил Алешанко: „Дојдете на проба во Барса“.
Во Академијата го третирале како новодојден гуштер
„Ишишај ги локните. - Како ќе кажете“, рекол Карлес на 22. мај 1995 година кога го потпишал првиот договор со клубот. Во соседната соба договор потпишувал вториот снајпер во лигата, напаѓачот на Реал Сосиедад, Мехо Кодро. А Пујол косата не ја скратил.
Вечерта стоел во редот од 40 луѓе пред двата телефони во интернатот. Навечер го будел воден млаз, му ги мачкале образите со паста за заби и се што следува. Така постарите момци го поздравиле во Карлес во Академијата.
Неколку месеци подоцна, на турнир во Паленсија, тренерот Виласек им рекол на играчите: „Може да излезете после вечерата, но до единаесет да сте во хотелот“.
Пујол и Жерар Лопес, сега тренер на вториот тим на Барса брзале да се јават кај родителите од телефонската говорница и задоцниле. „Уште еднаш и ќе им се вратите на родителите засекогаш“, им се заканил Виласек. После тој турнир Андони Гоикочеа го викнал Пујол во јуниорската репрезентација на Шпанија за серија мечеви во Италија. Таму Шпанците ги загубиле сите три натпревари, а Пујол за нов предизвик во младинска репрезентација чекал три години.
Во првата сезона во Барса, Пујол му го дал победничкиот гол на Реал Мадрид во финалето на младинскиот Куп на Шпанија. Но никој не го забележал тоа затоа што истиот ден од Реал во Барса преминал големиот Луис Енрике.
Хозеп Гонсалво, новиот тренер на третиот тим на Барса каде бил и Пујол на стартот на новата пред-сезона ги однел играчите во ноќнен клуб во трговскиот центар Maremágnum.
Во тој состав во средината на теренот играле Пујол, Чави, Габри и Марио Росаса. Екипата била на високо место во првенството. Во еден момент тренерот на Барса Б, Хуанде Рамос решил да отпушти педесетина младинци, а Пујол нашол утеха кај Боби Робсон кој го викнал во првиот тим во Купот на Каталонија.
Во финалето против клубот Европа, 19-годишниот Пујол го заменил Чави Молиста, својот цимер од академијата и играл заедно со Христо Стоичков, Лоран Блан и Гиљермо Амора. Барса тогаш загубила 1:3 поради грешките на голманот Карлес Бускетц, татко на Серхи Бускетц во првиот дел и Хулен Лопетеги (селектор на Шпанија), во второто полувреме.
Година дена подоцна, Пујол повторно се нашол во првиот тим. Новиот тренер Луј ван Гал не ја водел екипата во Купот на Каталонија и му го препуштил местото на малку познатиот помошник и преведувач Жозе Мурињо. Во полуфиналето против Лерида играл Пујол а победничкиот гол го дал Тито Виљанова.
На прес-конференцијата за новинари после еден тренинг, Ван Гал го ставил тефтерот со составот покрај микрофонот. Фотографот Пере Пунти го сликнал, а следното утро целиот свет дознал дека Холанѓанецот не ги гледа во првиот тим Бускетц и браќата Гарсија, а под знак прашалник биле Чирич, Абелардо, Рајзигер и Богард.
Прашалникот кај Србинот Чириќ го инспирирал Пујол кој во младинците ја играл таа улога во средниот ред, но на тренинзите Ван Гал го ставил десен бек каде Пујол имал конкуренција со Нигериец Окуново. Карлес тогаш го вратиле во вториот тим и ја поминал најлошата сезона во кариерата.
Пујол делел стан во улицата „Авенија де Чиле“ со соиграчите Фелипе Ортиз и Чави Молиста. На Бадник 1998. година, девојката на Карлес ја разбудила страшна бука. Соседот од долу урлал: „Пожар, помагајте, пожар“!
Пујол се разбудил и видел низ прозор голем дим. Сите во паника трчале по помошните скали, затоа што лифтот не работел. Ортиз немал време ниту да облече патики поради што му страдале нозете во силниот пожар. Ортис не ја продолжил кариерата, туку влегол во политика.
Две недели претходно, Пујол на паркингот сретнал еден бездомник кој му барал цигара. „Не пушам“, му рекол Карлес и заминал до колата. Кога влегол во колата забележал дека скитникот извадил тоалетна хартија, ја запалил и сакал да му ја фрли во колата. Брзо со колата излегол на главната улица каде од позади го удрил автобус.
Пујол останал месец дена без автомобил, а малерот му го продолжил и новиот тренер на Барса Б, Лоренцо Сера Ферер кј упорно го ставал Карлес на позицијата која што ја мразел - десен бек.
Проблемот бил во тоа што главниот тренер на Барса Б не бил Гонсалво, туку Сера Ферер. Во книгата за Пујол, тогашниот негов соиграч Луис Лаинс напишал дека Сера Ферер сомнително гледал на Карлес и ја убедувал управата да го продаде во Малага за 170 милиони пезоси (околу милион евра).
Договорот бил пред врата, но тогашниот претседател на клубот Нуњес го скршил колкот и го откажал патот до Мајорка така што преговорите биле неуспешни. Тогаш Лаинс и Жоан Виласек, првите тренери на Пујол во Барса отишле во болница и го убедиле претседателот да не брза со трансферот затоа што малиот има потенцијал да остане на Камп Ноу.
Сера Ферер не се откажувал и му се јавил на Пујол: „Ние ќе те продадеме во Малага“. Ова не бил предлог, туку укажување. „Ако одбиел, ќе сносел последици“. Пујол одбил, а Сера Ферер го вратил во третиот тим. 21-годишнио Карлес мирно работел со младинците, а за време на една репрезентативна пауза, на Ван Гал му требале играчи за тренинзи со првиот тим. Вториот тим играл во Холандија и Ван Гал повикал играчи од Барца Ц. Пујол одиграл добро на пријателските средби поради што Ван Гал го викнал на разговор: „Слушнав си сакал да заминеш. – Не, не сакам“, одговорил Карлес. – Ако останеш ќе тренираш со мене и ќе играш за втората екипа“.
Рајзигер имал проблем со зглобот, Окуново не бил во форма, а Роналд Де Бур имал повреда на грбот, така што Пујол дебитирал за Барселона и станал првиот играч во 100-годишната историја на клубот кој почнал како десен бек и кој се задржал на Камп Ноу цели 15 години.
Првпат Ван Гал го забележал Пујол две години претходно, само неколку месеци по доаѓањето во Барса кога пред мечот со Динамо Киев биле повредени Луис Енрике, Пици и Абелардо. Првпат го видел Пујол на тренинг и се зачудил: „Што е со тебе? Зар немаш пари за шишање?“.
Карлес утредента седел на клупата на Камп Ноу со Бускетц, Надал и Амор. „Една од резервите е некој Шарл Пујол или Карлес Пујол, не знам“, рекол коментаторот Василиј Уткин за време на преносот од мечот со Динамо Киев. „За овој играч знам само дека е играч од средниот ред. За него нема никаква информација ниту во една програма“.
На 7. март 2000 година Карлес и Агнес дошле во болницата на Гран Виа Оспиталет. Антони побарал една минута за да се подготви. Ги ставил наочарите, се исправил и гостите можеле да влезат во собата. Разговарале долго време и Антони му кажал: „Кога ќе излезам од овде, ќе одиме во Мас де Грас и ќе јадеме телешко печено месо“.
Утредента на Оливерес му ја зголемиле дозата морфиум и и тој заспал. На масата до креветот стоело овошјето кое му го донеле и радио на кое одела тивка музика од концертот на композиторот Хоакин Родриго. Меѓу тие работи бил и дресот на Барса до бројот 32 и автограм од Карлес. Во 4:15 часот утрото срцето на Антони престанало да чука.
После неколку месеци Лоренцо Сера Ферер го заменил Ван Гал, но Пујол го избавил новиот тренер од грижата на совест и отишол на Олимпијадата во Сиднеј. Без Карлес, Барса загубила четири од шест меча (на пример 0:3 од Бешикташ), а олимписката селекција на Шпанија стигна до финалето каде на пенали загуби од Камерун. Кога Пујол се вратил дома, Сера Ферер заборавил на минатото и го ставил во првите 11: На мечот од ЛШ против Бешикташ Барса во реваншот славела 5:0, а во првенството го победиле Реал.
Пујол на тој меч кога „предавникот“ Фиго го гаѓаа со свинска глава на Камп Ноу одлично го чуваше Луис Фиго на крилото.
Наскоро Пујол и Чави дебитираа за сениорската репрезентација на Шпанија на пријателскиот меч против Холандија чијшто селектор беше Ван Гал. „Ние сме овде благодарение на вас“, му рекле и двајцата на тренерот кого новинарите го обвинуваа дека три години ги угнетувал младинците на Барса. На тој меч Пујол го повреди коленото, се оперираше и паузираше цели три месеци. За време на паузата отишоол во Ла Побла де Сегур конечно да им се пофали со сребрениот медал од Сиднеј, но таму дознал дека баба му Хермина, мајка на мајка му почнала два дена пред Олимпијадата, но никој не се усдул да му каже.
Од декември 2002. година до јуни 2004. Пујол заработил десет повреди (посебно тешка била таа кога ја пукнал аркадата и долго време играл со заштитна маска). Потоа стана капитен на Барселона, се степа со Висенте од Валенсија на тренингот на репрезентацијата на СП 2006, а за шест месеци го крена трофејот во ЛШ како Зубизарета на Вембли таа 1992. година. Како и тогаш, Пујол ја славел победата со татко му, но не во спалната соба во Побла де Сегур, туку во ложата на „Стад де Франс“.
Пет месеци подоцна, Барселона во Ла Коруња играла против Депортиво. Карлес дента во 16:55 дознал дека татко му тешко се повредил со еден багер кој ја чистел нивната фарма. За да го извадат неговото тело, на пожарникарите им требало пет часа. За жал, татко му починал од повредите, а на погребот дошле 2.000 луѓе. Од клубот дошле сите, меѓу кои и Деметрио Албертини, играчот на Милан кој на погребот го утешувал Карлес: „Кога дојдов на проба во Барселона, татко му ми кажа, што и да биде не се грижи, секогаш ќе имаш каде да се вратиш“.
Луис Лаинс во биографијата за Пујол, напишал дека после победата над Северна Ирска во Лас Палмас, последна во квалификациите за ЕП 2008, Касиљас му шепнал на селекторот Арагонес: „Јас не сакам, ама некои од дечките рекоа дека би сакале да излезат на вечерва“. Арагонес не му одговорил, само ја собрал репрезентацијата и рекол: „Икер кажа дека сакате да излезете. Одиме сите, па дури и тие кои не сте за“. Пујол, Чави и Иниеста планирале да останат во хотелот, но по говорот на селекторот излегле да пијат заедно со останатите.
Од следното лето репрезентацијата славеше трофеи на секои две години, а Пујол три сезони по ред освојуваше со Барса и Примера и ЛШ. На тренингот пред полуфиналето на Мундијалот 2010 против Германија, тој му предложил на селекторот Дел Боске: „Ајде да пробаме да го одиграме тоа што го играме Барса? – Како мислиш? – Чави да центрира, Пике на прва статива да ги повлече противниците, а јас да завршам“.
Два дена подоцна, Пујол даде гол и ја однесе Шпанија во финалето.