Во 95-та минута Ајнтрахт Франкфурт губеше од Фрајбург а имаше и играч помалку, но се обиде да го израмни резултатот. Домаќинот во еден момент ја изби топката во аут кај клупата за резерви, а таму почна најинтересното.
Абрахам се затрча по топката да изведе аут, а тренерот на Фрајбург Кристијан Штрајх намерно ја пропушти топката која помина до него. Капитенот на Ајнтрахт додека трчаше близу Штрајх, го турна со раме а овој падна многу театрално.
Цела домашна клупа во секунда му се пушти на Девид Абрахам кој притоа доби и црвен картон од главниот судија. Исклучен беше и домашниот резервен фудбалер Винченцо Грифо кој бурно реагираше и скокна да се тепа.
Веднаш по судиската свирка за крај, капитенот на Ајнтрахт отиде да зборува со Штрајх и му се извини:
„Сакам да се извинам пред Кристијан Штрајх. На последната минута од судиското продолжение сакав што е можно побрзо да ја вратам топката во игра и морав да ги тргнам сите пречки. Многу сум задоволен што после мечот поразговаравме и меѓу нас се е во ред“, рекол Абрахам кој ќе мора да пропушти еден до два натпревари поради црвениот картон.
На социјалните мрежи после мечот се појави и слика од Абрахам и Грифо со натпис: „После натпреварот да се подаде рака“.
Фрајбург на крајот славеше со 1-0 а Ајнтрахт има 2 победи и 3 порази на последните 5 меча. Ама една од тие победи е 5-1 против Баерн Минхен.