Како во Шкотска навивачи го спасија својот клуб

Шкотскиот Партик Тисл од тамошниот Чемпионшип (втора лига) сезоната 2019/2020 ќе ја памети уште долго и тоа по добро и по лошо.

Клубот е стар 144 години. Во моментот кога целиот спорт, па така и фудбалот во Шкотска беше прекинат поради глобалната пандемија, Партик Тисл бил последен на табела, но со само два бода помалку од местото за спас над нив на 5 кола до крајот.

Во Шкотска клубовите гласале дали сезоната во сите 4 дивизии да заврши онака како што беше во моментот на прекин поради корона, па мнозинството клубови гласале „Да“.

Тоа значи дека Селтик ќе биде шампион деветти пат по ред во шкотската Премиер лига, а има и клубови како Партик Тисл кои испаѓаат од својата дивизија, без можност да се изборат до крај за спас иако има уште 5 кола за доигрување во нивната лига (против Данди Јунајтед, Мортон, Арброт, Инвернес Калеј Тисл и Данди до крајот).

ГЕСТОТ НА НАВИВАЧИТЕ ГИ ВООДУШЕВИЛ СИТЕ

Како Англичаните, така и Шкотланѓаните се традиционално луди по фудбал.

Откако Фудбалската асоцијација на Шкотска решила дека сезоната е готова и сите да почнат да се подготвуваат за новата 2020/2021 која би требала да стартува во јули/август, од Партик Тисл им соопштиле на своите навивачи дека до 1-ви мај имаат време да ги вратат сезонските карти и да добијат пари назад за преостанатите натпревари кои нема да се играат.

Клубот требал да рефундира околу 80.000 фунти во случај сите да чукнеле на благајната, а тоа се сосема солидни пари за клуб од втора лига (трансфер буџетот на Партик Тисл изнесува околу 3,6 милиони фунти). Сезонската за натпреварите на Партик изнесува од 290 до 360 фунти.

На крај сезонски вратиле само 64 од 1.800 (3,5%) од навивачите и тоа му овозможило на клубот да сочува близу 75.000 фунти, што во услови на голема светска криза, за еден мал второлигаш е огромна сума.

„Ова е неверојатен гест од нашите сезонци. Со ова продолжи поддршката која ни ја дававте во последните месеци. Ова не е само огромна финансиска поддршка за клубот во овие тешки времиња, туку и голема мотивација за нас, да продолжиме да се бориме за клубот и носиме исправни решенија за Тисл и за неговите навивачи“, пишува во официјално соопштение на клубот.

Интересно, по почетокот на пандемијата, клубот решил да се преименува во Partick Thistle Family Club, со цел да покаже семејно заедништво со навивачите.

14 мај 2020 - 10:36