Најтешкиот период за полскиот фудбал, како и за фудбалот во многу други земји била Втората светска војна. На 1 септември 1939 година го прекинале полското фудбалско првенство. На почетокот на војната прв на табела бил клубот Рух од градот Хоржов.
Окупаторот сфатил дека спортот може да биде еден од симболите на единство во земјата и решил да го забрани. Затоа на 1 август 1940 година назначениот генерал-губернатор на Полска Ханс Франк издал указ за целосна забрана на спортот.
Ја насловил: „Ликвидација на полското обединување и забрана на спортските клубови, забрана за нивно постоење и работа“.
Распуштени биле сите спортски организации а за прекршување на оваа забрана следел затвор, депортација во концентрационен логор или смрт.
Ова била прва забрана на окупираната територија. Обично во другите земји тогаш спортските организации ги контролирале новите власти.
Полска станала исклучок од правилата, веројатно поради тоа што во земјата живееле многу евреи. Но и покрај забраната, љубителите на фудбалот ризикувале: играчи, тренери, раководители и хумани луѓе оформиле нова лига.
Овој турнир не бил аматерски. Окупационите сили не знаеле за овие натпревари, а организаторите знаеле дека многу луѓе на едно место може да предизвика внимание на окупаторите, па поради тоа разработиле цел систем на криење.
Најчесто имало деца и млади луѓе кои стоеле по секое ќоше на улиците и се довикувале ако доаѓа патрола. Нив ги викале stójkowi (набљудувачи).
Но во такви страшни услови, системот не секогаш работел идеално. Затоа организаторите делеле флаери со датум и време на одигрување на натпреварите, па ги менувале местата и така бегале од фашистичката полиција. За жал од овие настани нема бројни фотографии.
****
Окупаторите брзо сфатиле дека нивниот закон не се почитува па решиле да уништат повеќе места поврзани со спортот.
Поради тоа натпреварите биле организирани на улици, на ливади или во некои заводи. Фудбалот се преселил од големите градови во малите села. Кога на фудбал доаѓале стотици или илјадници гледачи, градовите како Варшава и Краков станале опасни.
Во 1939 година во полската Екстракласа лига настапувале два клуба од главниот град: Полонија и Варшавјанка. Покрај нив во градот биле уште и Легија и Макаби.
По почетокот на војната овие клубови се расформирале, но фудбалерите сакале уште да играат.
Во пролетта 1940-та поранешниот играч на Краковија и Легија, Јозеф Чижевски го организирал првиот меч во паркот Мокотовско поле во центарот на Варшава, а веќе истото лето првенството се играло нормално.
Во летото 1940-та на Мокотовско поле играле 13 еипи меѓу кои и два клуба: Чарни и Бимбер кои стигнале до финалето во кое Чарни славел со 3:1 и станал најдобра екипа на Варшава.
Наскоро, на крајот од 1941 година законот станал многу посуров и фудбалот паднал во последен план. Местата каде претходно се одржувале натпреварите биле затворени или срушени, а гледачите и фудбалерите биле праќани во затвор или логори.
Веќе не било време за фудбал и собири.
Но дел од организаторите, лудо храбри, решиле да ги преместат средбите во предградие на Варшава и ја обновиле лигата чиј основач бил Алфред Новаковски, фудбалер на Легија Варшава во тоа време.
Клубот Полонија брзо станала лидер и шампион на Варшавското првенство во 1942 и 1943. Главен конкурент на Полонија и бил клубот Окенче.
Трагична судбина имал клубот Макаби. За овој тим играле воглавном полски евреи така што сите играчи и раководители биле пратени во гето или коцентрациони логори. За жал никој од фудбалерите на клубот не ги преживеал страшните години.
Фашистите не го поштеделе ниту Јозеф Клоц, авторот на првиот гол во историјата на полската репрезентација.
Тој постигнал гол од слободен удар против Шведска во 1922 година и благодарение на тој гол Полска ја прославила првата фудбалска победа во историјата. Во 1941 година Клоц завршил во варшавското гето. Стадионот на неговиот матичен клуб Макаби бил срушен а клубот расформиран.
Но нацијата не ги заборавила своите херои па денес најголемата гордост на Варшава - Националниот стадион се наоѓа на местото каде бил стадионот на Макаби.
Во Варшава и нејзините предградија првенството со прекини се играло скришно до 1944 а во август оваа година избувнало Варшавското востание.
Во 1946-та кога продолжила лигата шампион станала Полонија од Варшава.