Пред мечот со Бордо во француската Лига 1, фудбалерите на ПСЖ излегоа на терен и се загреваа во маици со ликот на Диего и натпис: „Збогум 10. Почивај во мир“.
После мечот Нејмар раскажал анегдота за тоа како првпат во живо го видел Марадона и како се запознале. Пред околу 14 години.
„Јас не зборував многу со Марадона, но никогаш нема да ја заборавам нашата прва средба. Имав тогаш 11, 12 или 13 години, така нешто. Само што почнав да тренирам во Сантос и ме викнаа на меч меѓу легендите на репрезентациите на Бразил и Аргентина.
Автобусот на бразилската репрезентација беше преполн, па ме ставија со аргентинската. Во прв ред седеа двајца посебни играчи: Алехандро Манкузо и Марадона. Седев со нив заедно и почнаа да се шегуваат со мене. Не ги разбирав, но видов дека се добро расположени.
Кога стигнавме, ме земаа со себе во соблекувалната на Аргентина. А после ме однесоа на терен каде се сликав со Марадона. Сам ме викна да се сликаме. Никогаш нема да го заборавам тој негов гест“, раскажал Нејмар.
Нивната заедничка фотографија била направена во 2006-та кога идната ѕвезда на светскиот фудбал имал 14 години. Во тоа време во Бразил се играл Showball, турнир како Куп на Легендите. На тој меч „гаучосите“ го победиле Бразил за кој играл и Дунга со 8:4, а Диего дал два гола. После еден месец се одиграл реванш на легендите во Аргентина кој завршил 7:7.