Како мал Крис Смолинг редовно одел со мајка му на Хајбери да го гледа идолот Тони Адамс, а неговиот сега покоен татко мечтаел син му да заигра на Олд Трафорд.
Обединето и среќно семејство. Лојд Смолинг со жена му Тереза и синовите Крис и Џејсон живелее на брегот на реката Темза во населбата Гринвич, еден од полуксузните краеви во Лондон.
Лојд го обожувал Манчестер Јунајтед и мечтаел дека еден од двајцата синови ќе истрча на Олд Трафорд. Тереза не била многу загреана за фудбалот и освен што била симпатизер на Тотенхем, имала голема желба децата да ѝ завршат Економски факултет.
Сè одело глатко до 1994. година кога Лојд Смолинг починал. Во тој момент Крис имал пет години, а мајка му решила да се пресели со синовите во помал стан во Четем. Извесно време Тереза била без работа, но семејството и натаму функционирало беспрекорно.
Собата на малиот Крис била излепена со постери на Тони Адамс и Јан Рајт, легендарните фудбалери на Арсенал. Самиот Смолинг често одел на Хајбери со мајка му, а развивајќи го интересот за џудо, Крис ќе почне да го тренира овој спорт во кој ќе стигне до зелен појас и титула државен младински првак.
Енди Андерсон, наставник во школото каде што учел Смолинг вели дека Крис уште тогаш бил многу талентиран за џудо, рагби, кошарка но особено за фудбал. Кога наполнил 15 години, Крис добил понуда да игра во Милвол, но таму се задржал пар тренинзи затоа што мајка му Тереза не можела секојдневно да го носи на тренинзи и како самата признава, се плашела од опасниот реон Милвол.
Паралелно со часовите во Економско училиште, Крис Смолинг играл и за аматерскиот фудбалски клуб Меидстоун каде колеги му биле плочкари, молери, монтери и поранешни професионалци кои имале проблем со повреди. Смолинг заработувал по 30 фунти од натпревар, но што е поважно не морал дома да се враќа со мокар дрес и валкана опрема.
На еден турнир на државните факултети, Крис ќе го привлече вниманието на Мидлзброу, Чарлтон и Фулам кои го барале да дојде на проба. Високиот одбранбен фудбалер се одлучил за Фулам каде тренер беше сегашниот англиски селектор Рој Хоџсон. По една година во младинските категории на Крејвен Котиџ, Крис можел да си приушти нов џип Ренџ Ровер, така што ѝ го отстапил Рено Клиото на мајка му за која вели дека е најзаслужна за неговиот успех.
По една година во младинците на Фулам, дошло време да дебитира за првиот тим. Заработувал солидно и играл редовно сè до еден момент кога тренерот Хоџсон го тргнал на страна и му рекол „Се јавија од Манчестер, спремни се да дадат 10 милиони фунти за тебе. Фергусон ќе дојде за 40 минути да зборува со тебе“. Шокиран од тоа што го слушнал, Смолинг вели дека најпрвин сфатил дека не е 1-ви април за некој да се шегува со него.
„Имав време само да стрчам до соблекувалната и да ѝ се јавам на мајка ми. Зборував со Фергусон и веќе од разговорот сфатив за каква величина се работи“, изјавил Смолинг а мајка му во интервју за Индепендент раскажа дека мислела како зборува на телевизија кога ѝ се јавил големиот Сер Алекс Фергусон.
Убавите вести доаѓаат во пакет, па така за Крис Смолинг се заинтересирал и Арсен Венгер кој му се јавил за да го викне на проба. „Тоа беа најубавите но и најтешките денови во мојот живот. Морав да се одлучам за два-три дена“, вели Смолинг кој додава дека посетата на тренинг центарот на Јунајтед, Карингтон и присуството на Рио Фердинанд биле пресудни да се одлучи за Црвените ѓаволи.
На 27. јануари Манчестер Јунајтед објави дека го купил Крис Смолинг, но дека играчот ќе остане до крајот на сезоната 2009/2010 во Фулам. Последните шест месеци во Фулам биле најтешки за Смолинг, кој правеше грешки од натпревар во натпревар, даваше автоголови и правеше пенали.
„Фергусон ми направи голема услуга што го зема. Очигледно со главата Смолинг веќе е на Олд Трафорд", во шега на прес конференција изјавил Рој Хоџсон.
Високиот стопер и десен бек за Манчестер Јунајтед дебитираше на 16. јули 2010. година на пријателска средба против Селтик, а првиот официјален натпревар го одигра на 8. август истата година кога Манчестер го освои трофејот во Комјунити Шилд против Челси (3-1).
За кратко време му стигнала смс порака дека е на списокот на англиската репрезентација под водство на Фабио Капело. Купил луксузна куќа во Чешир на 15 минути од Олд Трафорд и се верил со фотомоделот Сем Кук.
Во февруари годинава Крис Смолинг влезе во Гинисовата книга на рекорди откако даде два гола против Барнли кога влезе од клупата за резерви. Во април го продолжи договорот со Манчестер, а во мај Луј Ван Гал го назначи за капитен.
Од таа причина Тиери Анри го стави на листата на 10 најдобри фудбалери од стартот на Премиер лигата сезонава. За такво нешто мечтаел Лојд Смолинг.