Наполи и Црвена Ѕвезда до сега немале можност да се сретнат на европските натпреварувања, така што вечерва на стадионот Маракана во Белград ќе го имаат своето прво соочување во ЛШ.
Во пресрет на нивната вечерашна пресметка во 1. коло ќе ве запознаеме со една приказна која можеби не ја знаете, а тоа е дека Наполитанците на некој начин и имаат “помогнато“ на Ѕвезда да стане шампион на Европа.
Што е уствари муабетот. Наполи во периодот од 1984-та до 1991-ва го играше најубавиот фудбал во својата историја. Можеби не најубав, но секако најпродуктивен. Два пати го освоија Скудетото, а исто така и Купот на УЕФА.
Бернард Тапи
Заслугите за тоа одат најмногу кај Марадона кој ја кажа онаа позната реченица: Јас себе се сметам за син на Наполи. Таа титула на “синот на Наполи“ му донесе и негативни последици, како релациите со мафијата и уживањето во кокаинот.
Наполи во 1989-та го освои Купот на УЕФА, а од Марсеј стигна понуда за Марадона која ретко кој би ја одбил. Газдата на францускиот тим, Бернард Тапи создавал екипа за освојување на тогашниот КЕШ, а Аргентинецот бил расположен да замине на Велодром.
Да го направел тоа, скоро сигурно две години подоцна ќе го играл финалето против Црвена Ѕвезда на стадионот Св.Никола во Бари, бидејќи таков бил планот на Тапи.
Марадона веќе еднаш ја има “завиено во црно“ Маракана кога танцувал со топката во дресот на Барселона во 1982-ра. Не дека ќе било невозможно, но црвено - белите ќе беше многу потешко да го достигнат пехарот.
Тогашниот претседател на Наполи, Корадо Ферлаино ја одбил понудата од Олимпик Марсеј и го налутил Марадона кој поради кавги со него ги пропуштил воведните четири натпревари на Наполи.
Титулата таа сезона повторно ја освоил, но благодарение на големиот скандал кој се случил во тоа време. На мечот Милан - Верона, судијата исклучил тројца Росонери заедно со тренерот Ариго Саки, Верона победила 2:1, а Наполи станал шампион поради подобрата гол разлика.
Корадо Ферлаино и Марадона
Потегот на Ферлаино кој не попуштил за трансферот на славната 10-ка, се покажал како полн погодок за Наполи кој славел титула, а веројатно и за Ѕвезда, но не баш и за Марадона кој уште повеќе загризал по дрогата. Некои аналитирачи сметале дека доколку во таа 1989-та заминел во Франција, немал да посегнува по недозволените средства.
И додека Марсеј го минувал патот до финалето во КЕШ, Марадона таа година се нашол во сред скандал откако допинг тестот против Бари му бил позитивен. Се понатаму во врска со него е една добро позната историја.
Во 2009-та на тема трансферот во Марсеј, зборуваа и Марадона и првиот човек на клубот по што стана јасно дека уствари работата била договорена.
Бернард Тапи со пехарот во ЛШ 1993
„Бев играч на Марсеј. Претседателот на Наполи Ферлаино не сакаше да одам и покрај тоа што сите детали беа договорени“, изјави Марадона.
На неговите зборови се надоврза и Тапи
„Не потпиша само Марадона, туку и самиот Ферлаино. Меѓутоа тој бараше договорот да се поништи и двајцата да се вратат во Неапол. Ги имав потписите, но дозволив да се вратат“, рече претседателот на Марсеј.
Таа 1991-ва година, Марсеј остана без пехарот кој успеа да го освои две години подоцна, а судбината сакаше тогашната легендарна шампионска генерација на Звезда вечерва да бидат почесни гости токму на дуелот против Наполи. Може и да им кажат фала, што не го пуштија Марадона во таборот на нивниот противник во финале кој ќе им беше екстра засилување.