Како Лука Модриќ стана државен непријател број 2?

Десетката на најдобриот клуб во Европа во моментов, Лука Модриќ е почитуван насекаде во светот, само не во својата татковина каде го навредуваат и исвиркуваат. Зошто?

За човек којшто важи за најголемиот хрватски амбасадор во светот, чудно е што Лука Модриќ никогаш не бил подеднакво сакан од сите во својата земја.

Многу луѓе како да ја препознаа неговата врска со Здравко Мамиќ, најмоќниот човек во хрватскиот фудбал и пошироко, но неделава индиферентноста во однос на Лука се претвори во огорченост. Откако јавниот обвинител Тончи Перковиќ го претстави Модриќ како сведок на судењето на Здравко Мамиќ, Лука неколку пати го менувал исказот даден пред неколку години за малверзации со неговиот трансфер од Динамо Загреб.

Лука минатиот вторник се појави на суд и побарал повторно читање на исказот. Кога судијата почнал да чита, Лука почнал нервозно да ја мрда главата, ги ставил рацете на клупата и рекол: „Тоа, тоа никогаш не сум го рекол. Тоа е извадено од контекст. Ви кажав тогаш дека не паметам кога се случило“.

Од тој момент веќе ништо не е исто за Модриќ во Хрватска, капитенот на репрезентацијата и најдобар хрватски фудбалер кој по трет пат го освои пехарот во Лигата на шампионите со Реал Мадрид месецов. Истиот ден додека одеа на собиот во Клубот на навивачи, припадници на Торцида Сплит скандираа: „Лука Модриќ говно малено“

Следното утро по многу хрватски градови и села биле испишани стотици навредливи пораки на сметка на Модриќ. Една парола со спреј дури и спроти хотелот „Из“ во Задар, каде семејството на Модриќ живеело како бегалци од војната во ’90-те во Босна.

ШТО ТОЧНО НАПРАВИЛ МОДРИЌ?

Беше капитен на Динамо пред да замине во Тотенхем

Поранешниот фудбалер на Тотенхем е еден од клучните сведоци на судењето на Здравко Мамиќ, поранешниот извршен директор во Динамо Загреб кога Модриќ играше таму, а денес „сива еминенција“ во клубот каде работи од позадина.

Модриќ играше во Динамо пред да се пресели во Тотенхем во 2008-ма. Покрај другите обвинувања, Мамиќ се терети дека затајувал данок и голем дел од процентот за трансферот задржал за себе наместо во клупската каса на Динамо.

Истрагата докажала такво нешто, а одбраната на Мамиќ не се ни обидува да го негира тоа, само наведоа дека немало ништо незаконско во тоа.

На почетокот на кариерата, во младоста на Лука Модриќ, Мамиќ му давал голема финансиска поддршка. Уште пред Лука да дојде во Динамо, Мамиќ се грижел за неговата кариера и потпишале договор да делат процент од идните договори. Таков сличен договор Мамињо имаше и со некогашниот шпиц на Динамо, Арсенал и Шахтјор Едуардо да Силва којшто морал да му дава процент години и години потоа во кариерата.

 

Кога Динамо го продал Модриќ во Тотенхем за 21 милион евра, пола од парите заминале директно на сметка на Модриќ. Подоцна, истрагата покажала а и Лука сведочел дека бил во банка заедно со синот или братот на Здравко Мамиќ, вадел пари од сметката и му давал на Мамиќ.

Ваквата процедура Лука ја повторил неколку пати. На целата сума која тогаш Модриќ ја заработил (10,5 милиони евра), тој смеел да задржи само 14,5 милиони хрватски куни (околу 2 милиони евра) за себе. Остатокот одел кај фамилија Мамиќ.

Сето ова и на судот го потврдија сите три страни. Мамиќ е во добра позиција затоа што на времето имал анекс договор со Модриќ според кој клубот и играчот делат 50-50 од парите. Обвинителот се обидува да докаже дека анексот бил потпишан на датум откако играчот веќе бил продаден во Тотенхем.

Во претходниот исказ лани, Модриќ призна дека така било. Но сега тој вели дека никогаш не изјавил такво нешто и дека на времето кога го испитувале бил збунет. Откако го сменил исказот, Лука ги разгневил навивачите во Хрватска затоа што Здравко Мамиќ важи за човек кој го контролира тамошниот фудбал преку Динамо и федерацијата.

За тоа колку Мамиќ е влијателен говори и фактот што судењето беше преселено од Загреб во Осијек затоа што Мамињо имал блиски судии во главниот град.