Кристијано Роналдо и Лионел Меси досега се сретнале 36 пати во кариерата, како на клупски (33 средби), така и на репрезентативен план (2 пријателски).
Најмногу меѓусебни средби имаа на Ел Класико, а само 3 од нивните 33 клупски среќавања беа додека Роналдо играше за Ман. Јунајтед.
Меси има 16 победи во нивните 36 средби, Кристијано 11, со 9 нерешени. Двајцата, според многумина најдобри на сите времиња, станаа и најдобри стрелци во историјата на Ел Класико: Лионел 26 гола, Роналдо 18 (исто има и Алфредо Ди Стефано за Реал против Барса).
Во последното коло од групната фаза, Барселона го пречека Јувентус на „Камп Ноу“.
„Ќе биде одличен меч кој во фокусот ќе има двајца вонземјани“, го најави дуелот Леонардо Бонучи.
Јувентус ја згроми Барселона со 0:3, толку колку што му требаше да го анулира резултатот 0:2 од првиот меч во Торино за да заврши прв на табела.
Роналдо отвори од пенал во 13' минута. Тоа беше 19-ти гол на Кристијано против Барселона во кариерата на 34 официјални натпревари и прв во ЛШ против Каталонците.
На почетокот на вториот дел Роналдо одново од пенал зголеми на 0-3 (стана прв играч во историјата кој дал два гола од пенал против Барселона во ЛШ на Камп Ноу).
Бјанконерите како први во групата заслужено одат понатаму.
„Меси и јас ги делевме последните 12-13-14 години од нашите животи, секогаш е прекрасно кога се среќавам со него. Очигледно е дека луѓето зборуваат за ривалство, ама за мене е само привилегија. Играв против него во Јунајтед, во Реал и Јувентус. Среќен сум за моите голови и за мене отсекогаш е извор на радост кога давам гол дури и само кога играм против него“, изјави Роналдо после мечот.
Лионел имаше 11 шутеви (7 во рамки на голот на Буфон) а во Лига на шампиони од сезоната 2003/2004 (кога почна да се мери прецизна статистика) уште немало играч кој со толку обиди не постигнал гол.
Приметно е и отсуството на жар кај Меси во последно време и неговото однесување и говор на тело како да најавува заминување од Барселона по крајот на оваа сезона (според шпекулациите, најблизу е до потпис со Манчестер Сити кај Пеп Гвардиола).