За прв пат во својата кариера Гвардиола бележи серија од 6 меча без победа. Тоа е податок кој важи за сите натпреварувања и кој нема шанси да остане незабележан бидејќи води клуб со ѕвезди и ја зема најголемата тренерска плата во светот.
И уште нешто. На Сити од декември 2008-ма не му се случило на пет средби да загуби три пати и еднаш да ремизира, како и прв пат во четири години не се случило да не упати удар во рамки на гол. Јунајтед синоќа шутна два пати и погоди еднаш, а Сити компир.
Синоќешната елиминација од Лига Купот не внесе паника во клубот бидејќи во Премиер лигата е прв, но лидерската позиција ја дели со Арсенал и Ливерпул, а само бод помалку имаат Челси и Тотенхем.
Тоа што зачудува во таборот на Манчестер Сити е што по стартните 10 од 10 заборавија да победуваат и последниот триумф го бележат на 24 септември против Свонси. Потоа ја направија следнава серија:
28 септември: реми со Селтик 3:3
2 октомври: пораз од Тотенхем 2:0
15 октомври: реми со Евертон 1:1
19 октомври: пораз од Барселона 4:0
23 октомври: реми со Саутемтпон 1:1
26 октомври: пораз од Манчестер Јунајтед 1:0
Ваква статистика шпанскиот стратег немал ниту со Барселона ниту со Баерн, а кога ќе влезел во мини лоша серија потоа никој не можел да го сопре неговиот тим.
Примерот со Барселона
Најтешката сезона на Гвардиола со Барселона му беше првата кога седна на клупата 2008/2009. Откако во август таа година на деби мечот загуби од Нумансија, потоа ремизираше со Расинг Сантандер.
Како се извлече од таа лоша стартна ситуација? Со 19 победи на следните 20 меча во домашното првенство. Работите не одеа постојано како подмачкани бидејќи потоа имаше серија од 5 меча без победа, но ја прекина со триумф на гости против Атлетик Билбао, каде не се освојуваат така лесно бодови.
Крајот му беше како од бајките. Во неговата прва сезона како тренер стигна до тројна круна и ги освои Ла Лига, Копа дел Реј и Лига на шампиони. Повеќе од тоа не можеше ниту да посака. Потоа Барселона никогаш повеќе не влезе во полоша серија од три меча без победа.
Примерот со Баерн Минхен
Во првата сезона Пеп како тренер стигна до својата најдолга победничка серија, а тоа беа 11 од 11 и вкупно 13 меча без пораз. Тој никогаш во Баерн немаше полоша серија од три меча без победа со само еден исклучок. Пролетта 2015-та го загуби финалето на Германскиот Куп од Борусија Дортмунд, а претходно загуби 3:0 од Барселона во полуфиналето на Лига на шампиони и забележа два порази во Бундес лига.
Што се случи потоа? Во неговата последна сезона во Минхен стигна до целосна доминација со рекордни 12 победи по ред, титула, а му и се одмазди и на Борусија во финалето од Купот. Баерн минатата сезона не направи полоша серија од два меча без победа во низа и 75% од натпреварите ги победи.