Доверливото лице кое дава интервју за АС е всушност поранешен вработен во КОНМЕБОЛ. Тој вели дека механизмот е многу лесен и едноставен, а поминува неказнето. Одредени пари влегуваат во фудбалската федерација на Јужна Америка, а потоа Николас Леос ги префрла на свои сметки.
Анонимниот извор има и документи кои го докажуваат криминалот во КОНМЕБОЛ, а кој директно го правел првиот човек на федерацијата. Леос беше претседател од 1986 до 2013 година, член на Извршниот комитет и заменик претседател на ФИФА. Тој е во домашен притвор и го очекува екстрадиција во САД каде е обвинет за корупција, мито, перење пари и криминален заговор. Неговите сметки ги меша со оние на федерацијата, а трансферите ги правел редовно во долари и во парагвајска валута.
Confidant X кој работел 10 години во КОНМЕБОЛ вели дека корупцијата е правена со пари кои пристигнувале од цел свет, од Токио до Њујорк. Понекогаш завршувале и на сметките на првите луѓе на фудбалските федерации на Парагвај, Бразил, САД и Панама. Во дел од операциите Леос вклучувал и свои соработници, роднини како и неговата сопруга Мариа Клеменсиа.
Таков е примерот кога земал мито од фудбалската федерација на Јапонија во износ од 1,5 милиони долари за да гласа за Јужна Кореја и Јапонија во 2002 година да ја добие кандидатурата за Мундијалот. Парите му ги испратил тогашниот претседател на јапонската федерација Кен Наганума кој е починат.
„Тие пари Леос потоа ги дистрибуираше на друг начин. Договор беше да ги распредели во 10 фудбалски федерации во Јужна Америка, но тој 1,2 милиони долари префрли на своја сметка, 200.000 долари за генералниот секретар на КОНМЕБОЛ Едуардо де Лука и 100.000 долари за Зорана Данис, која е врската меѓу конфедерацијата со ФИФА“, вели изворот.
Тој тврди дека бил сведок на многу вакви операции во кои Леос ги мешал приватните сметки и оние на КОНМЕБОЛ. Ја користел таа во Banco do Brasil de Asunción, потоа една во Меѓународната банка во Њујорк и една во Ситибенк во Њу Џерси.
Николас Леос поднесе оставка од своите позиции во ФИФА и КОНМЕБОЛ пред нешто повеќе од две години, а во соопштението на ФИФА на 23 април 2013 година стоеше дека неговото повлекување е поради здравствени и лични причини.
Леос беше вклучен и во случајот со ISL, маркетинг компанијата на ФИФА која банкротираше откако им плаќаше мито на лидерите на Светската куќа на фудбалот. Тоа беше единствениот начин да дојде до соработка со нив.