Прашањето за далеку понеславниот Донарума го поставивме прво затоа што му ја загубивме трагата и второ бидејќи налетавме на видео каде тој е главен протагонист.
На 20 август летово, Антонио Донарума, веројатно на огромно задоволство на секој навивач на Милан, направил трансфер во Падова кои се дел од Серија Ц.
Синоќа гостувале кај клуб по име Feralpisalò (Фералпизало), клуб кој можеби ви е познат од билтен, нас не ни е, бидејќи не се кладиме на трета италијанска лига.
Инаку клубов постои само 13 години, се натпреварува на стадион со капацитет од 2.364 седишта и се наоѓа во градот Сало кој има 10.576 жители.
Токму од овие анонимуси, Падова која пред 25 години играше во Серија А, загуби 1:0. Стрелец? Епа Антонио Донарума кој прво реагираше како пацер, а потоа запиша несреќен автогол.
Инаку Антонио, кој е девет години постар од Џиџо, кариерата ја почна во Милан во 2008-ма година, кој го праќаше на позајмици во Пјаченца и Губио. Потоа беше член на Џенова со еден настап и позајмица во Бари, а пред кам бекот во Милан во 2017-та бранеше во Грција за Астерас Триполис.
Во последните 4 години во Милан, каде го протежираше брат му, има само 3 настапи од кои ниту еден во Серија А, а како трет голман земаше плата од милион евра по сезона.
Дебитираше во Купот на Италија на 27 декември 2017-та и тоа на градското дерби кое Милан го доби по 120 минути со 1:0. Со ист резултат заврши и вториот негов меч против Лудогорец во Лига Европа, кој го одигра следната година.
Третата шанса ја доби дури во 2020-та против СПАЛ, повторно во Куп меч на кој Милан славеше со 3:0.
Најголемиот куриозитет е тоа што со овие три настапи стана прв голман во историјата на Милан, кој успеал да не прими гол на 300 минути почнувајќи од дебито.