Во сезоната 1995/1996 Јуве се падна во весела група со Борусија Дортмунд, Стеауа и Глазгов Ренџерс. Дамата немаше мака: Торинците лесно ги победија првите четири меча (три од нив убедливо) и се пласираа понатаму. Против Шкотите имаа гол разлика 8:1 на двете средби.
Во финишот од групата Јуве си дозволи пораз дома од Дортмунд (1:2) и реми со Стеауа (0:0). Првото место не им беше загрозено.
Во четвртфиналето отидоа на мегдан со Реал Мадрид. На „Сантијаго Бернабеу“ мечот го реши Раул, а во Торино на легендарниот „Деле Алпи“, Алекс Дел Пјеро и човекот со тешка судбина Микеле Падовано го спружија „кралот“ на колена.
Следен противник им беше француски Нант, екипа која дрмаше во Франција во раните ’90 години. Јувентус немаше проблем со бандата на Николас Уедек. Пред полн „Деле Алпи“ Јувентус славеше 2:0 а во Нант загуби 3:2 и се пласираа во големото финале во Рим на „Олимпико“ каде ги чекаше страшниот Ајакс.
Италијанците почнаа совршено и во 12. минута поведоа со еден од најколоритните голови на Фабрицио Раванели:
Но од другата страна „Копјаниците“ од Амстердам го имаа лукавиот Финец Јари Литманен кој го израмни резултатот за радост на помалкубројните Холанѓани
Помина и второто полувреме, завршија и продолженијата па започна драматичниот пенал-рулет. Анџело Перуџи им одбрани два пенали на Давидс и Силој, а Ферара, Песото, Падовано и Југовиќ го матираа ван дер Сар за големо славје ширум цела Италија.
Анџело Перуци
Таа сезона имаше 26 години и беше најдобриот италијански голман. На патот до големиот „ушест“ пехар бранеше на 10 меча и прими 9 гола. Денес на 47 години е клупски менаџер на Лацио и советник во општината Бјера.
Чиро Ферара
Еден од поискусните таа сезона, одигра 9 меча и беше командант на одбраната пред Перуци. Имаше 29 години и важеше за стабилен стопер. Годинава на 50 години до март беше главен тренер на Вухан Жал во втората кинеска лига.
Масимо Карера
Постар од Чиро, таа сезона кога Јуве се качи на кровот на Европа имаше 32 години и одлично настапи на 7 меча. На 53 години сезонава го направи Спартак Москва шампион во Русија после повеќе од една деценија и ќе игра повторно во Лигата на шампионите овојпат како тренер.
Пјетро Верховод
Еден од омилените фудбалери на сите навивачи на Јувентус. Во сезоната 96/97 имаше дури 37 години и е еден од највозрасните фудбалери кои ја освојувале ЛШ. Сега на 59 години е стручен коментатор, а едно време беше и кандаидат за градоначелник на Комо.
Џанлука Песото
Неуморниот лев или десен бек по потреба со 25 години ја освои Лигата на шампионите. Одигра стандардно на 10 средби, а сега на 46 години е спортски директор на младинската школа (академијата) на Јувентус.
Хуан Пабло Сорин
Да, и ние се изненадивме кога видовме дека на 20 години Аргентинецот бил дел од шампионската генерација на славниот Јуве. Се појави на еден натпревар во ЛШ таа сезона. Денес на 41 година е водечки стручен аналитичар на бразилскиот ESPN.
Морено Торичели
Како и Песото, и Торичели играше и десен но и лев бек по потреба. Одигра 8 меча во трофејната сезона од ЛШ 1997 и постигна 1 гол. Денес на 47 години раководи со младинците на Аоста.
Серџо Порини
Помалку познат на помладите генерации, Порини имаше 27 години кога со Јувентус ја освои Европа. Денес на 48 години е прв тренер на тимот Кремо во петтата италијанска лига.
Дидие Дешам
Французинот кој царуваше со средината од теренот имаше 27 години и во шампионската сезона дресот на Јуве го носеше на 8 меча. Денес на 48 години е селектор на Франција.
Алесио Такинарди
Еден од најмладите, ако не и најмлад член на оваа славна генерација. Одигра 4 супер меча на 20 години во триумфот на Јуве во елитната Лига на шампиони. Денес има 41 година и е коментатор на MEDIASET PREMIUM.
Пауло Соуза
Португалецот имаше 25 години но успешно се носеше со товарот како фудбалер од средниот ред. Постигна 1 гол на 8 меча а сега на 46 години е прв тренер на Фиорентина.
Антонио Конте
Можеби најзборуваното име сезонава во светот на фудбалот. Човекот кој правеше чуда како тренер на Јувентус, минатиот петок му ја донесе посакуванта титула на Челси и тоа во првата сезона како тренер на овој клуб.
Во неговата биографија стои дека на 26 години стана шампион со Јувентус во ЛШ каде на 9 меча постигна еден гол. Денес на 47 години успешно го води Челси.
Џанкарло Мароки
Мароки имаше 30 години кога Торинците се запишаа на листата славни освојувачи на највредниот европски трофеј. Денес на 51 година е коментатор за Sky Sports.
Анџело Ди Ливио
29-годишниот борец „гинеше“ до последната капка пот на теренот. Кога Јувентус предводен од Липи ја освои ЛШ имаше 29 години а денес како 50-годишен е фудбалски кореспонденд и коментатор.
Владимир Југовиќ
Србинот со 26 години беше лидер на средината на теренот на Јувентус. Постигна 1 гол на 8 меча во Лигата на шампионите, а денес на 47 години работи како скаут и менаџер.
Атилио Ломбардо
30-годишниот „Ќелавко“ како најмногу да му се израдува на пехарот во Европа. Имаше 30 години, 21 година подоцна работи како помошник тренер во Торино кај Синиша Михајловиќ.
Алесандро Дел Пјеро
Алекс, иконата на клубот имаше 21 година и беше апсолутно најзаслужен за подемот на Јуве во тој период. Во освојувањето на ЛШ учествуваше со 6 гола на 11 меча. Денес има 42 години и е коментатор за италијанскиот Sky Sports.
Џанлуки Виали
Стариот мангуп на 31 година го крена најдрагоениот пехар во кариерата. Постигна 2 гола на 7 меча а денес на 52 години е спортски коментатор.
Фабрицио Раванели
Иако имаше бела коса и делуваше на многу постар, Раванели ја освои Европа на 27 години. Даде 4 гола на 7 меча а денес на 48 години привремено коментира фудбалски настани.
Микеле Падовано
Напаѓачот кој со 29 години даде придонес во освојувањето на ЛШ со 2 гола на 8 меча после речиси една деценија заврши во затвор поради трговија на хашиш. Има 50 години.
Марчело Липи
Дон Марчело на 48 години го одбрани докторатот на тезата „Како да издоминираш во Европа“. Денес има 69 години и како селектор на Кина го развива тамошниот фудбал.
Во оваа сезона на Јувентус, црно-белиот дрес го носеа уште и Микеланџело Микеле Рампуља (33 години, 1 меч без примен гол), кој денес е тренер на клубот Лек во регионалната германска лига, како и Лука Фузи (32 години, средина на терен кој се појави на 1 меч), денес има 53 години и е тренер на младинците на Сантарканџело.