Како и кога се роди идејата за Јувентус камп?
Сè започна пред околу 15 години од Академијата на Јувентус која почна да ги прави овие проекти кои се национални и меѓународни и потоа се разви во ова што сега се вика меѓународен Јувентус камп или академија.
Колку земји имаат можност да бидат домаќини на овој камп? Ве има низ цел свет?
Да распространети сме низ цел свет. Точната бројка на земји каде сме организирале Јувентус камп е 48, додека академија имаме во 32 земји.
Што може да научат децата од најтрофејниот италијански клуб?
Тоа што пред се ние го носиме и пренесуваме е нашата методологија на работа која секојдневно се практикува во Јувентус. Потоа кога одиме во некоја странска земја и ја гледаме реалната слика на лице место се обидуваме да сфатиме од што имаат потреба децата за да им ја дадеме најадекватната работа на нив. На пример ако одиме во Јужна Америка можеби ќе налетаме на деца со повеќе техника, што значи во старт обрнуваме работа на други аспекти од играта, таму пак каде ќе забележиме дека повеќе се игра тимски фудбал, тогаш даваме акцент на нивната техника.
Што треба да има еден талент за да го земете да тренира во младинскиот сектор во Јувентус?
Пред да ги задоволи фудбалските критериуми, треба да има човечки критериуми. Овој проект е пред се измислен за да создава луѓе со вредности. Тоа се гледа и кај првиот тим на Јувентус. Во фудбалот понекогаш се победува и се губи, но секогаш треба да се излезе достоинствено. Инаку еден играч треба да има многу карактеристики: основна техника, техника во движење, техника во разни ситуации од играта, индивидуални решенија. Но пред сите овие работи најважни се човечките способности кои треба да бидат многу многу силни и на високо ниво.
Има ли некој познат играч на Јуве кој благодарение на Јувентус камп стигнал до првиот тим?
Ова се уште не е изводливо бидејќи проектов е започнат пред скоро 15 години, но дека Јувентус има важен младински сектор тоа го докажа Клаудио Маркизио кој како младинец даде гол против Интер со лоб удар откако тргна сам од средина на терен. Мислам дека тоа беше 97-ма или 98-ма година. Потоа го повтори против Интер на Мурињо и еве сега уште е капитен заедно со Буфон.
Можно ли во оваа италијаско-македонска соработка да видиме некоја легенда на Јуве во Скопје?
Можно е тоа да се случи бидејќи ние имаме тим со легенди на Јуве (Juventus Legends) кој го сочинуваат: Трезеге, Торичели, Ди Ливио... значи легенди од поновата историја и тие стојат на располагање за да им го пренесат своето искуство на овие деца. Се разбира дека тука треба да има волја и од страна на Македонија. Според мене дечките од здружението на Јувентус почнаа да работат добро, чекор по чекор, со една добра организација. Ова е првиот чекор и ако во иднина сакаат со задоволство ќе се обидеме да донесеме тука една од легендите која може да им помогне на децата.
Како се покажаа засега децата? Ви оставија ли некои од нив посебен впечаток?
Ако зборуваме за нивото на терен, се гледа дека децата играат добро со топка, им се забележува желбата. Има многу индивидуалност во играта, како што очекував, бидејќи во овие балкански земји од секогаш има многу таленти и индивидуални игри. Уште од времето на Југославија тука преовладувал колективот, ама мора да се каже дека има многу силни индивидуалци. Забележувам кај децата, посебно кај поголемиве добар прием на топка и визија за игра, што е важно. Има една девојка од 14 години која е многу добра, еве ја, гледајте како ја прима топката и какви движења има. Многу добро разбира каде треба да се постави на терен и да не заборавиме да кажеме дека игра со машки кои некои се на нејзина возраст, а други една година постари од неа. Има многу способност и како индивидуалец и како колективен играч.
Во колку земји сте биле како тренер и каде сте ги виделе најголемите таленти?
Ние реков дека како Јувентус камп имаме посетено 48 места, а имаме академија во 32 земји, но никој од нас не бил на сите места. Видете за 5 дена не можете да видите талент во еден камп. Можеби некој ќе направи грешка и ќе ти изгледа дека тоа е техничка грешка, а можеби само е возбуден бидејќи за прв пат носи дрес од Јувентус. Јас со моите 35 години секогаш кога го носам овој дрес уште сум возбуден, а исто и кога ја слушам химната. Премногу сум горд што сум дел од овој проект во кој се надевам ќе бидам уште долго. Значи нема многу смисла да се зборува за таленти. Нема да биде фер за децата кои се трудат, кои се забавуваат и кои треба да пораснат како личности. Имав среќа каде и да одам да видам голема волја за играње фудбал, а тоа е многу позитивна порака. Нивната желба треба да не поттикне повеќе да се трудиме за да им помогнеме да пораснат на најдобар можен начин.
Што знаете за македонскиот фудбал?
Да бидам искрен освен Вардар од кој сум гледал видеа на интернет, не знам многу. Првата работа која ја прашав кога пристигнав тука е дали може да изгледам еден тренинг или натпревар на клуб од прва лига за да се запознаам малку со македонскиот фудбал и да видам како се развива. Имав можност да разговарам со некои луѓе од ФФМ со кои зборувавме за методологија и за некои точки се поклопуваме во однос на развојот на младите во фудбалот.
За отворањето на кампот на Јуве клик тука.