Ѓорче Петров пулсира во ритамот на Старата Дама

Со звуците на химните на Италија и Македонија, а потоа и на Јувентус, најтрофејниот италијански клуб го отвори првиот камп во Македонија. 100 деца ќе имаат привилегија да учат како се игра фудбал од светскиот гигант.

Сонот на децата кои навиваат или сакаат да тренираат со тренери од Јувентус се оствари. Првиот и официјален Јувентус Камп во Македонија стартуваше на игралиштето „Македонски Лавови“ во населбата Хром во општина Ѓорче Петров.
 
Благодарение на македонскиот фан клуб на Јувентус и ФК Мондано, Јувентус со своите тренери Рафаеле Армароли, Карло Буонопане и Антонело Галезе од денеска до 7-ми април ќе обучува 100 македонски деца на возраст од 5 до 17 години.
 
Италијанската фудбалска машинерија која шест сезони по ред не го дава тронот во Серија А, одржува кампови во околу 40 земји во светот, а на ред дојде и Македонија.
.
Секој учесник на кампот ќе добие Јувентус Адидас опрема (дрес, шорц и чорапи) која ќе им остане во нивна сопственост по завршување на кампот.
 
Две деца ќе добијат награда да учествуваат на кампот на Јувентус во Белград во јуни, со платено учество, храна и сместување, а други двајца летово ќе замина на бесплатен рекреативен камп во Грција.
 
Мотото на Јувентус Академијата е дека "пред се градиме луѓе, а потоа и фудбалери".
 
На отворањето се обратија претседателот на фан клубот на Јуве, Игор Стевковски, амбасадорот на Италија во Македонија, Карло Ромео и градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Наумовски.

2 април 2018 - 15:52