Јувентус осамен на врвот, Лацио подобар од Милан

Екипата на Јувентус не само што ја продолжи серијата од фантастични 47 натпревари без пораз, туку сега е и единствена непоразена екипа во Серија А оваа сезона. На второто денешно дерби, Лацио ja зголеми агонијата на Милан и уште повеќе ја разниша позицијата на Алегри.

Јувентус триумфираше во дербито на колото против Наполи и направи чекор на патот кон 29-та титула. Актуелниот шампион сега е осамен на врвот на табелата во Серија А и е единствена непоразена екипа во лигата.

Гостите од Наполи за кого Горан Пандев ги одигра сите 90 минути, беа рамноправен противник во текот на целиот натпревар, но потклекнаа во финишот и тоа од резервистите на Јувентус.

Само две минути откако Касерес влезе во игра, Андреа Пирло изведе корнер, а Уругваецот го совладa Де Сантис со глава.

Две минути подоцна, Погба кој во игра влезе седум минути претходно, го искористи лошото расчистување на Кампањари и со гол од дваесетина метри го постави конечниот резултат.

На фудбалерите на Милан им текна да играат дури во последниот половина час и тоа откако Лацио имаше водство од 3:0 со головите на Ернанес, евроголот на Кандрева и погодокот на Клосе. Де Јонг и Ел Шарави намалија на 3:2 и ја вратија неизвесноста во самата завршница, но тоа беше предоцна за поголем подвиг на Милан.

СЕРИЈА А – 8. КОЛО:

сабота:
Јувентус – Наполи 2:0 (0:0)
Касерес 80, Погба 82

Лацио - Милан 3:2 (2:0)
Ернанес 25, Кандрева 41, Клосе 50 - Де Јонг 61, Ел Шарави 79

недела:
12.30 Каљари – Болоња
15.00 Аталанта – Сиена
15.00 Киево – Фиорентина
15.00 Интер – Катанија
15.00 Палермо – Торино
15.00 Парма – Сампдорија
15.00 Удинезе – Пескара
20.45 Џенова – Рома

20 октомври 2012 - 22:49