Во Македонија најпопуларен гостински тим отсекогаш бил Вардар, но кај нас и онака стадионите се празни, па таа разлика и не се чувствува премногу како во поголемите лиги каде некои клубови се магнет за навивачи.
Во Англија најпопуларни гостински тимови се Ливерпул и Манчестер Јунајтед. Кога гостува Ливерпул, стадионите биле исполнети 95,2%, а за Јунајтед 95%. Кога тие гостуваат на стадионите во Англија доаѓаат по околу 1.450 навивачи повеќе од просекот.
Во Германија најпопуларни се Баерн Минхен, Борусија Дортмунд и Шалке. Таму и онака стадионите се скоро полни, па и не е чудно што каде и да гостува Баерн Минхен, стадионите се исполнети до последно место, односно на нивните натпревари присуствуваат по 3.400 гледачи повеќе од просекот. Борусија Дортмунд полнат 99,7%, а Шалке 98,5% од капацитетот на стадионите.
Како што можете и да претпоставите, во Шпанија најпопуларни се Барселона и Реал Мадрид. Барса полни 91,1% од капацитетот или 6.600 гледачи повеќе, а Реал Мадрид полни 87,3% од капацитетот на стадионите или 6.500 гледачи повеќе од просекот.
Сепак овие разлики се највоочливи во Италија. Јувентус можеби не е најпопуларен клуб во Торино, но е најпопуларен клуб во Италија. Таму во последните години стадионите се полупразни, па дури и кога гостува Јувентус тие се полнат само по 70,1%, но тоа значи дека за нивните натпревари доаѓаат по 11.200 гледачи повеќе од просекот.
Втор најпопуларен гостински тим во Италија е Милан кој полни 63,1% односно 7.300 гледачи повеќе од просекот, а најнепопуларен гостински тим е Катанија. Кога гостува овој тим, стадионите се полнат само со 39,3% од капацитетот, односно доаѓаат 3.500 гледачи помалку од просекот.