Јувентус буквално не се спои со топка против Аталанта, па освои бод со 2 пенали

Според статистиката фудбалерите на Јувентус во првиот дел точно 8 минути и 10 секунди не ја пипнале топката на противничка половина а 11 минути и 34 секунди таму немале ни додавање.

Фудбалерите на Аталанта првпат по рестартот на фудбалот не победија, одиграа нерешено против шампионот Јувентус на гости иако беа многу блиску до победа. Ако освоеа 3 бода синоќа ќе се искачеа на второ место во Серија А.

Репортерите од Скај Спортс пресметаа необичен податок кој вели дека Јуве не допрел топка во голем дел од прво полувреме:

Тимот предводен од тренерот Гасперини буквално му одржа фудбалска лекција на Јувентус на негов терен. Тргнаа Бергамашите отворено, летаа по теренот и во 16' минута поведоа со 0-1 преку Запата по сјајна асистенција на Папу Гомез:

За Колумбиецот ова беше 15-ти гол во Серија А сезонава. Интересно дури тројца фудбалери на Аталанта сезонава имаат 15 или повеќе голови - Луис Муриел (17) и Јосип Иличиќ (15).

Јувентус израмни на почетокот на вториот дел кога по еден центаршут на Дибала топката го погоди во рака Мартен де Рон, а главниот судија не почека ни 1 секунда. Сигурен изведувач Кристијано Роналдо за 1-1:

Аталанта одново нападна и во 80' минута повторно дојде во водство. Талентираниот Руслан Малиновскиј постигна прекрасен гол за 1-2:

Во тој момент тимот од Бергамо беше втор на табела, но на крајот во 90-та минута уште едно играње со рака судијата го процени како пенал. Овојпат Игуаин проба да додаде а топката сосема случајно го удри Луис Муриел во рака.

Според новите правила речиси секој контакт со рака во шеснаесетникот е оквалификуван како пенал. 

Топката пак ја зема Кристијано Роналдо и ги постави конечните 2:2.

Португалецот постигна 11 пенали од 11 изведени сезонава во Серија А. Кристијано има вкупно 28 гола. Пред него е само Чиро Имобиле кој исто има 11 погодоци од белата точка или вкупно 29 гола на листата најдобри стрелци.

ГАСПЕРИНИ БЕСЕН, СЕЗОНАВА ВО ИТАЛИЈА СЕ ДОСУДИЈА МНОГУ ПЕНАЛИ, СЕ СВИРИ СЕКОЈ КОНТАКТ СО РАКА

Во минатата сезона во Серија А повеќе од 10 пенали изведе само Сампдорија (12), во предминатата Лацио (11), а во тек на оваа сезона 10 или повеќе пенали извеле веќе шест екипи.

И тоа во ситуација кога ВАР во Италија постои веќе втора сезона.

Тренерот на Аталанта бил бесен по дуелот со Јувентус и смета дека треба да се укине правилото за пенал при секој контакт со рака:

„Што треба да направиме, да им ги исечеме рацете? Најмногу што може да направиш е да ги вкрстиш рацете пред себе. Ова не се први вакви пенали, гледавме цела сезона за многу екипи.

Ова е будалаштина и интерпретацијата на правилата во Италија не е како на други место. Правилата треба да се сменат, во други земји не свират вакви пенали. Многу сум задоволен од настапот но разочаран што не победивме. Водевме до последна минута и направивме се за да победиме“, рече Гасперини.

НИКОЈ ТАКА НЕ ГО НАДИГРАЛ ЈУВЕНТУС ВО ПОСЛЕДНИТЕ НЕКОЛКУ СЕЗОНИ

Серијата на Аталанта без пораз стига до 14 меча. Во последните 12 натпревари тимот од Бергамо кого го чека и четвртфинале на Лига на шампиони против моќниот ПСЖ, има дури 11 победи.

Аталанта во моментов е трета, заостанува само 1 бод зад Лацио и 9 од Јувентус. Лацио изгуби 3 натпревари по ред, скоро и да се прости од титулата а сега им е загрозено и второто место.

Тренерот на Јувентус Маурицио Сари признава дека Аталанта игра на највисоко ниво: „Игравме против една од најјаките екипи во Европа во моментов. Агресивни се и организирани. На почетокот на мечот грешевме во додавањата и во такви моменти Аталанта буквално го притиска противникот, така го примивме и првиот гол по изгубена топка. Да се игра против Аталанта е многу тешко. Тие беа многу поостри од нас во првиот дел, но успеавме да се вратиме во игра и за среќа вториот дел беше многу подобар за нас“.