Јуве за Ајакс, Де Лихт и Рајола дава вреќи со пари

Еден од најгласните трансфери летово и официјално се оствари: Јуве објави дека потпиша договор со 19-годишниот стопер на Ајакс Матеијс Де Лихт кој ги чини „ѓавол и пол“ пари.

Шампионот на Италија во следните 5 години на Ајакс треба да му исплати 75 милиони евра, како и дополнителни 10,5 милиони евра за други трошоци меѓу кои се оние предвидени за менаџерот на фудбалерот, Мино Рајола. Со ова, Де Лихт станува најскапиот одбранбен фудбалер во историјата на фудбалот.

Мино Рајола е човекот кој има контроверзна репутација, но тој секогаш ги добива најдобрите услови за своите клиенти. Сигурно е дека ако не бил Мино, Де Лихт веројатно сега ќе беше во некој друг клуб со поинаква плата.

Холандскиот репрезентативец оди во клуб кој минатата пролет лично тој со гол со глава го исфрли од четвртфиналето на Лига на шампиони. Според достапните информации, неговата годишна плата ќе биде веројатно 12 милиони евра (7,5 милиони фиксни + 4,5 милиони од бонуси според Football Italia, или фиксни 12 милиони според ESPN).

Guardian пишуваше дека Де Лихт би можел да стигне и до годишна заработка од 16 милиони евра годишно што е вртоглава сума дури и за најбогатите европски клубови. Во договорот има и откупна клаузула од 150 милиони евра, но таа ќе може да се активира само од летото 2022.

Младиот стопер го поврзуваа со Барселона каде требал да оди во пакет со неговиот другар Френки Де Јонг, но Каталонците процениле дека во моментов ги имат Пике, Ленгле и Умтити и дека не можат да потрошат дополнителни средства по астрономскиот трансфер на Антоан Гризман.

Наводно и Мино Рајола го кочел целиот трансфер, затоа што желба му била да го однесе во Јувентус. А самиот Де Лихт има уште еден менаџер, тоа е Бари Хјолсхоф, легендарен стопер на Ајакс од ’70-те години. Тој го советувал Матејс дека покрај играчи како Кјелини и Бонучи ќе напредува многу повеќе од каде било на друго место.

Според италијанските медиуми, голема улога во трансферот одиграл и Кристијано Роналдо после финалето на Лига на нации Португалија - Холандија, кога го советувал да дојде во Јувентус.

ЗОШТО БАШ ЈУВЕ?

Торинскиот клуб се согласил на условите на Ајакс, кои не биле баш прифатливи за Барселона, ПСЖ и Манчестер Јунајтед, а се согласил и за огромен процент за Мино Рајола.

Необично е зошто Јуве запна за младиот бисер кога во составот веќе ги има Кјелини, Ругани и Бонучи а познато е дека тренерот Сари игра со тројца стопери. Старата дама не се задоволува со скудето во Серија А, па затоа лани го потпишаа Кристијано Роналдо, а сега го донесоа Маурицио Сари кој ветува напаѓачки фудбал.

„За одбранбен фудбалер важно е да игра во Италија. Тој сега може да стане најдобар на светот“, рекол Рајола по промоцијата.

Останува да се види како Де Лихт ќе се адаптира на италијанскиот фудбал и дали ќе ги оправда големите очекувања.