Фабио Пизакане е италијански дефанзивец за кој не веруваме дека сте слушнале, освен ако сезоната во италијанско навивате за Каљари. Има 30 години, а викендов дебитираше во Серија А со многу емоции. Ова за него е остварување на сонот бидејќи многу лесно можеше да биде само во ситуација на гледач. Еве зошто:
„Едно утро се разбудив и не можев да ја подигнам раката. Имав една болест која го напаѓа нервниот систем и неколку месеци бев парализиран. Бев исто така и во кома. Со помош на Господ успеав да станам“, вели Фабио кој е пресреќен што сега може воопшто да игра фудбал.
Потекнува од младинскиот сектор на Џенова и потоа низ досегашната 12 годишна кариера се прошета во втора, трета и четврта лига како член на Равена, Кремонезе, Ланчано, Лумецане, Анкона, Тернана и Авелино со кој за малку не успеа да влезе во Серија Б.
На италијанската јавност е познат и како дел од скандалот Калчоскомесе, но не по лошо. На 14 април 2011 година доби понуда вредна 50.000 евра директно од спортскиот директор Равена за да им пушти да го победат Лумецане.
Фабио тоа го пријави, директорот на Равена беше уапсен и набркан да не може ништо да работи поврзано со фудбал, а Фабио Пизакане од ФИФА за потегот доби амбасадорска титула.
„Ова момче е пример за младите“, изјави тогаш Сеп Блатер
И покрај тоа што рече дека не се чувствува како херој, сепак за пофалба е потегот на играч од ниските лиги кој одбил толкава сума. Многу други тогаш не одбија. Градот Терни му оддаде признание за фер плеј, Чезаре Прандели дури и го покани во тренинг базата на италијанската репрезентација во пресрет на ЕП 2012.
По вчерашното деби во Серија А против Аталанта, Фабио на Фејсбук напиша:
„Благодарност на сите кои ми дозволија да дојде овој ден. На семејството, родителите кои од дете ми направија да бидам слободен, да немам притисоци и да го живеам овој спорт како игра. Благодарам Господе кој од горе ме водиш во сите мои чекори, благодарност на жена ми која ми дава поддршка 11 години, особено кога играм и кога губам. Благодарам на Каљари кој како клуб веруваше во мене прво како човек, а потоа како играч. Благодарност до моите соиграчи кои ме поддржаа овие месеци. Овој магичен момент сакам да го споделам со сите кои ми мислат добро“.
Иако има 30 години и полека влегува во зоната на ветерани, сепак сонот на Фабио се оствари. Од парализиран човек, стана член на екипа која игра во Серија А и која викендов ја тресна Аталанта 3:0. Емоциите по средбата беа силни, интервјуто не можеше да го истера до крај. Форца Фабио. Го обезбеди најголемиот опстанок.