Манчестер поведе на „Олд Трафорд“ со прекрасниот гол на Мектоминеј, а во второ полувреме примија гол од Обамејанг после чудна епизода во која линискиот судија крена офсајд иако 2-метри високиот Мегваер стоеше пред него, па ВАР мораше да ја оправа ситуацијата и да го признае погодокот.
Доцна синоќа по социјалните мрежи можеа да се видат коментари од типот „Зошто не ја гледав Парма - Торино, 4 гола во едно полувреме, црвен картон, пенал“ итн.
Сите кои го гледаа некогаш најголемото дерби во Англија, во првите 27 минути не видоа ни еден единствен шут кон некој од головите и тоа е најдолго чекање за шут сезонава во Премиер.
Арсенал може да биде задоволен што избегна пораз и остана во зоната која води во ЛШ (четврти се), а Јунајтед ја продолжи очајната серија.
- 9 бода на 7 натпревари, најлош резултат на почеток на сезона за Јунајтед во последните 30 години. Полошо било само во 1989 година кога екипата собрала исто 7 бода а на крај завршила 13-та.
После сезоната 1989/1990 такво нешто беше непоимливо за Манчестер. Откако постои Премиер лигата, Јунајтед близу ваква мизерија беше само во 2013 година при Мојс и една година претходно со Мурињо (по 10 собрани бода од можни 21).
- „Црвените ѓаволи“ се 10 на табела во моментов, а пред мечот со Арсенал беа 11-ти. Ова е прв случај од 1989-та година толку ниско да паднат.
- Тимот на Солскјер заостанува 12 бода зад Ливерпул, а последното место (Вотфорд) им е поблизу отколку првото: 7 бода разлика, а од зоната за испаѓање се само 4 бода.
Единствена светла точка во екипата е Скот Мектоминеј. Шкотланѓанецот го постигна својот прв гол во сезоната и воопшто прв на „Олд Трафорд“.
Ова е трет погодок за репрезентативецот на Шкотска во Премиер лигата, но секој пат кога давал гол, Манчестер губел бодови (порази од Вулверхемптон и нерешено со Хадерсфилд). Сега Манчестер го чека тешка недела: во четврток со АЗ Алкмар во Холандија, во недела со Њукасл, а следниот домашен меч потоа ќе му биде после репрезентативната пауза и тоа против Ливерпул.