Фудбалскиот генијалец кој не успеа да ги остави цигарите
„Во животот бев зависен од две работи, од фудбалот и од цигарите. Фудбалот ми даде се во животот, а цигарите ми земаа речиси се“, изјави Кројф во една кампања во борбата против пушењето.
На еден од најдобрите фудбалери во историјата на оваа игра во Барселона минатата недела му бил дијагностициран рак на белите дробови, соопштија шпанското радио Катена и весникот Мундо Депортиво.
Веста за дијагнозата која што ја потврди и директорот на Ајакс, Едвин ван дер Сар го потресе фудбалскиот свет и на адреса на Кројф стигнаа бројни пораки со поддршка.
„Се слушнавме со неговата менаџерка Керол Тат и таа ни потврди дека на Јохан му е откриен рак на белите дробови. Во мое и во името на клубот му посакувам на Јохан и неговото семејство многу сила и брз опоравок“, изјави Ван дер Сар.
68-годишниот Кројф е трикратен добитник на Златната топка за најдобар фудбалер во светот. На врвот се качи во 1971, 1973 и 1974 година. Кројф беше централна фигура во фудбалската филозофија на тренерот на Ајакс, Ринус Мичел позната како тотален фудбал. Генијалниот Кројф го поведе Ајакс до три последователни трофеи во Европскиот куп од 1971 до 1973-та година, а беше ѕвезда и на Светското првенство 1974 година кога со неговата Холандија стигна до финалето.
За рекордна сума во тој период, Кројф ја засили Барселона, клуб во кој ќе стане икона. Барселона ќе стане негов дом во којшто живее ден денес, а неговото трето дете, синот кој играше за Барселона и Манчестер Јунајтед го крстил Жорди по светиот патрон на Каталонија.
По неговото повлекување од фудбалот во 1984. година, Кројф кратко време помина во САД, а подоцна стана тренер на Ајакс. Најзаслужен е за системот кој на Ајакс му донесе многу успеси во 90-те години и титулата во ЛШ 1995. година.
Неговата генијалност најдобро се виде на клупата на Барселона, каде освен освојувањето на КЕШ во 1992. година, се закити и со четири титули по ред во Примера. Како што Мичел беше негов ментор, така Кројф имаше големо влијание над многумина кои играа под негово водство. Кога Пеп Гвардиола ги надмина тренерските достигнувања на Кројф на Камп Ноу, тој тоа го стори со стилот кој го научи од неговиот учител Јохан Кројф.
Сепак, престојот на Кројф во Барселона има и темна страна. Како страствен пушач, кој палел цигари дури и на полувремето, во 1991. година имал два бај-паса на срцето. Стана познат по голем борец во борбата против пушењето и цигарите ги замени со лижавчиња кои ги користеше покрај аут-линијата.
По неговиот прв натпревар за Барселона, Кројф запалил цигара во тунелот кон соблекувалните и уште една кога излегол од туширањето. Не му било гајле што луѓето знаеле дека пуши.
„Еден ден, во автобус, Кројф пушеше цигара и тренерот Ринус Мичелс го виде од првите седишта. Дојде и седна до него, а Јохан ја сокри цигара во џебот. Две минути подоцна, дланката му беше изгорена, а ние се смеевме" раскажува Сјак Сварт, еден од соиграчите на Кројф во Ајакс.
Во една прилика, кога бил селектор на Холандија, го прашале што би направил ако дознае дека неговите играчи пушат цигари.
„Ако се добри играчи како што бев јас, може да прават што сакаат".
Кројф постигна 190 голови на 240 настапи во првиот престој во Ајакс и 14 на 36 во вториот престој. Еве ги најубавите:
Против Аргентина на Светското првенство 1974-та година. Холандија славеше 4:0, а Кројф постигна еден од головите:
Незаборавниот лоб на мечот против Харлем, клубот од неговото детство:
Во Барса редовно даваше голови, а еден ефектен постигна на Ел Класико против Реал во Мадрид во 1973-та година: