По паничното откажување на Мароко поради страв од Ебола, домаќинството го зема Екваторијална Гвинеја, која ќе ги организира 30-от Куп на Африканските нации.
Купот се одржува на секои две години, а се игра во најважниот период во сезоната за секоја екипа. Од таа причина, англиските клубови едвај ќе чекаат да заврши Купот кој почнува на 17. јануари и завршува на 8. февруари. Покрај Африканците, Куп на нациите ќе играат и Азијците, веќе од утре во Австралија.
Манчестер Сити
Најголемиот комплимент што Јаја Туре може да го добие сигурно е тоа што тој е фудбалер без кој тимот од Етихад не може да игра како што треба. Во ситуација кога Манчестер Сити има мала болница од повредени напаѓачи, Јаја Туре постигна седум голови на неговите последни 11 натпревари, од кои некои беа клучни за бодовите. Туре е најзаслужен што Манчестер Сити некако фати приклучок со Челси во борбата за титулата сезонава.
Јаја Туре ќе игра за Брегот на Слоновата коска и сигурно ќе ги пропушти натпреварите на Сити против Евертон, Арсенал и оној на 31. јануари против Челси.
Вест Хем Јунајтед
Западно-африканскиот ритам сезонава доминира и во Лондон. Напаѓачот на „чеканите", Диафра Сако, кој се смета за најдобар трансфер лани заедно со Диего Коста е повреден. Поради тоа Вест Хем го планираше Шеику Кујате' за поголема улога во офанзивниот дел, но и тој ќе отсуствува поради африканскиот Куп на нации.
Среќа за Вест Хем, а малер за Камерун е што Алекс Сонг реши да ги реши проблемите со селекторот на оваа земја, Германецот Фолкер Финке со тоа што ја прекина репрезентативната кариера. Сонг има 27 години и со сигурност е најдобриот играч на Камерун, така што Вест Хем ќе го има на располагање за дуелите против Свонси, Хал и Ливерпул.
Њукасл ЈунајтедЕкипата е уште без менаџер, а нови главоболки сега предизвикува и егзодусот на првотимците. Само што влезе во ритам, Њукасл ќе остане без Сенегалецот Папис Сисе кој даде девет голови на 13 натпревари сезонава и без играчот од средниот ред Чиек Тиоте.
Играчот на Брегот на Слоновата коска се поздрави со соиграчите и им посаќа среќа пред гостувањето на Стемфорд Бриџ во сабота.
Кристал Палас
Лондонската екипа ретко блескаше сезонава, а и кога заигра како треба, главен играч им беше Џаник Боласи, крилото од Конго. Новиот тренер Алан Пардју изјави дека ќе се обиде да доведе нов играч во јануари, но дека многу ќе му фали Боласи. Палас ќе остане и без капитенот на Австралија Миле Јединак, кој заминува на Азискиот Куп на нации.
Од останатите тимови:
Лестер ќе остане без Џеф Шлуп (Гана) и Ријад Марез (Алжир);
Ливерпул без Коло Туре (БСК)
Евертон без Кристијан Атсу (Гана)
Саутемптон без Садио Мане' (Сенегал) и Маја Јошида (Јапонија)
Тотенхем без Набил Бенталеб (Алжир)
Свонси без Ки Сунг-јуенг (Ј. Кореа)
Волвс без Бакари Сако (Мали)