Почнуваме со актуелниот италијански шампион кој нападот го освежи со ѕвездата од нападот на Манчестер Сити, Карлос Тевез и Фернандо Љоренте од Атлетик Билбао. Од градскиот ривал Торино пристигна дефанзивецот Анџело Огбона. Матри и Џакерини не можат со нив на вагата.
Наполитанците беа најактивни на пазарот. Се поздравија со Кавани, Де Сантис и Кампањаро, но на „Сан Паоло" пристигнаа тројца игра од Реал Мадрид, Игуаин, Калехон и Албиол. На голманската позиција го купија Пепе Реина, а од ПСВ го испазарија крилото Мертенс.
Навивачите на Милан можеби очекуваа повеќе од управата во изминатиот летен преоден рок. Се разочараа со продажбата на Боатенг кој беше еден од најквалитетните во средниот ред, но затоа кам бек направи Бразилецот Кака кој заедно со Матри и Поли се наметнуваат како повредни.
Нивниот градски ривал Интер се реши за подмладување на екипата. Најмногу се очекува од големите таленти Икарди и Белфодил кои дојдоа од Сампдорија и Парма. Антонио Касано не може сам со нив.
Тимот кој ветува одлични резултати ова е лето е составот на Монтела. Виолетовите се офајдија од трансферот на Јоветиќ во Сити, а го продадоа и Љаиќ, но парите знаеа како да ги вложат. На потешкиот дел од кантарот ги гледате Марио Гомез кој дојде од европскиот шампион Баерн Минхен, во навалната линија го имаат и Јосип Иличиќ, а искуство во средниот ред го добија со Амброзини и Жоакин.
Многу промени има кај „Римската Волчица" која одлучи да се збогува со стандардните Освалдо, Ламела и Маркињос. На вагата има повеќе засилувања кои се повредни, а тоа се Мајкон, Љаиќ, Де Сантис, Струтман, Жервињо и Бенатија.
Единствената екипа која според есапот на Скај нема ниту ќар, ниту зијан е Лацио. Клаудио Лотито често пати им ветува на навивачите големи засилувања, а на крајот повторно носи непознати играчи. Замена за Мирослав Клосе ќе му биде младиот колумбиец Переа, а во средниот ред пристигна Лукас Биља од Андерлехт. Вредноста на нула ја одржува Козак кој замина во Астон Вила.