Инспиративната приказна за Аргентинецот кој му пружи голем отпор на Новак во финале

Прекар му е “El peque“ или што би се рекло “Shorty“, но кога ќе ја прочитате неговата сторија ќе сфатите дека висината му е последната пречка за да стане професионален тенисер кој во четвртфиналето во Рим го елиминираше Надал. Неговиот пат има длабоко минато кое почнува од прадедо му кој за влакно не завршил во логор.

Има аргентинско име: Диего, а германско презиме: Шварцман. Ќе сфатите зошто, бидејќи токму таму се крие неговото минато. Неговите родители се качиле на врвот, но го допреле и дното, а Диего е пресреќен што воопшто можел да спие во хотели на почетоците како дете.

Во 2017-та стана најнизок четвртфиналист на УС опен од 94-та, а на изминатиов Мастерс во Рим го елиминираше Надал. Има 3 АТП титули, а после многу проблеми и излиени солзи како дете, во моментов е 15-ти тенисер во светот.

„Многу луѓе ме прашуваат за мојата висина. Како влијаат твоите 170 см како тениски професионалец? Што мислиш, што можеше да направиш ако беше повисок?

Мојот одговор е секогаш ист: Имам полоши проблеми од тоа да бидам 10 см понизок од сите други. Кога се појавувам на тениското игралиште не размислувам за тоа колку сум висок или колку е поголем мојот противник. Знам дека има разлика, па што?

Можеби ако бев повисок 10 или 15 см ќе имав подобар сервис или ќе можев да гаѓам посилно. Но мојата висина нема да се промени. Нема да се разбудам со висината на Џон Ишнер или Иво Карловиќ.

Постојат причини поради кои можеби не сум успеал тука, но тие немаат никаква врска со мојата големина.

Пред да се родам, моето семејство заработи многу пари од компанија за облека и накит на која беа газди. Имале куќа во Уругвај каде оделе секој декември и јануари за да уживаат во летото. Имале една куќа во главниот град и друга надвор од градот. Поседувале и многу автомобили и имале неверојатен живот.

Но кога се родив работите се сменија и загубија сè. Во 90-те во Аргентина владата го намали увозот. Татко ми трошеше многу пари за да се обиде да увезе роба од странство, но немаше шанса и му одеше сè полошо и полошо. Мајка ми се обиде да набави материјал за облека од Кина, но немаше начин да стигне во Аргентина.

Така останаа без бизнис, без екстра имот и автомобили. Ме имаа само мене, моите два постари браќа и мојата постара сестра во обид да ни помогнат за да може да преживееме.

Со оглед на тоа што немавме многу пари, беше навистина тешко да се игра тенис или било кој друг спорт. Едноставно не можевме да си го дозволиме. Но играв колку што можев.

Бев крстен по фудбалската легенда Диего Марадона, па секако еден од спортовите што ги практикував беше фудбалот. Кога бев мал, баба ми ми купуваше униформи од европските тимови како Реал Мадрид и Барселона. Кога почнав да играм, дадов многу голови. И кога одев да тренирам тенис, ги носев истите дресови што ми ги купи баба ми. Кога терените беа полни, играв во ходник со татко ми. Секогаш користевме рекети за возрасни, бидејќи детските не ми се допаѓаа.

Како што поминуваа годините, сфатив дека во тенисот повеќето работи зависат од мене, а не од другите околу мене. Бев подобар во тенис отколку во фудбал, па затоа сакав да се зафатам посериозно.

Почнав да патувам на многу турнири со мајка ми. Татко ми ќе ми вети дека ни резервирал убав хотел со тв, компјутер, интернет и се што ни требаше.

Зошто лажеш?

Цело време му се јавувам за да го прашувам за тоа. Никогаш немаше тв и скоро на секој турнир на кој што одевме мораше да делиме еден кревет. Еднаш престојувавме во еден хотел затоа што една соба чинеше само два пезоса. Секогаш беше исто, но немавме избор и само тоа можевме да си го дозволиме.

Во еден момент, дури почнавме да продаваме гумени алки што останаа од бизнисот што го имаше моето семејство. Направивме сè што можевме да сториме за да дојдеме до пари за моите патувања на турнири.

Гледајќи наназад тоа беше тешко, но во исто време и забавно. И помагав на мајка ми да ги продава алките исто така и на играчи. Меѓу натпревари трчавме со вреќа алки за да видиме кој може да продаде најмногу, а мајка ми ми даваше 20% од парите. Тоа беа како два меча во едно: тенис и продажба на алки.

Кога имав 13 години почнав да одам сам на патувања на места како Колумбија, Венецуела и Еквадор и знаев да заплачам во авион. Сакав да бидам со семејството. Но учествата на тие турнири беа дел од моите патувања. Знам дека колку и да беа тешки, тие ми помогнаа да станам подобар конкурент.

Исто така на тие години, доктор ми рече дека никогаш нема да бидам повисок од 170 см. Знам дека ти реков дека висината не значи многу, но тогаш бев уништен. Не знаев што ќе можам да направам добро со мојот живот ако лекарот беше во право. Не знаев дали сè уште сакам да играм тенис.

Моите родители не ме пуштија да паднам и ми рекоа дека висината не треба да влијае на моите соништа. И за среќа кога имав 15 или 16 години имав многу луѓе околу себе кои почнаа да ми помагаат со пари, патувања, тренер...Во тие моменти стана полесно и за мене и за моето семејство.

Никогаш не бев врвен јуниор. Единствениот јуниорски Гренд слем турнир што го играв беа квалификациите на УС Опен, каде загубив во прво коло. Им пишам порака на моите дека не знаев што правам таму. Но веќе не размислувам за сите тие тешки времиња и откако станав професионалец никогаш не се сомневав во себе, без оглед на коефициентот.

Секогаш имав доверба во мојата игра и кариера и дека можам да успеам. Еве ме сега, се натпреварувам со најдобрите играчи во светот.

Знаејќи низ што помина моето семејство, ми даде лекции за важноста на семејството и ми даде подобро разбирање за тоа како да гледам на поголемата слика кога станува збор за спортот. Што и да се случи во мојата кариера, не се споредува со она што го претрпеа моите родители.

Па дури и во споредба со она што го претрпеле моите предци. Имам еврејски корени, а мојот прадедо од страната на мајка ми кој живеел во Полска, за време на холокаустот патувал со воз и требал да заврши концентрационен логор.

Но во една ситуација спојот што ги поврзува двата дела некако се расипал. Дел од возот продолжил да вози, а другиот останал позади. Тоа им овозможило на сите заробени внатре, вклучително и на мојот прадедо да трчаат по својот живот. За среќа тој успеал да побегне. Само што ќе се сетам на тоа, ме тера да сфатам како животот може да се промени во срцевиот ритам.

Прадедо ми го однел своето семејство со брод во Аргентина. Кога пристигнале зборувале јидиш, а не шпански. Семејството на татко ми е од Русија и тие исто така заминале со брод во Аргентина. Не им било лесно да ги променат своите животи по војната, но го направиле тоа.

Затоа кога размислувам дека мојот прадедо избегал од воз на пат кон логор, па до мојот престој во мали хотелски соби и продажба на алки, се сметам за среќен. Но секој има своја приказна. Јас не сум единствениот кој се соочил со неволји. Станува збор за тоа да не дозволите тешките моменти да ве влечат надолу и да ги користите како мотивација за да ви помогне да ја претворите лошата ситуација во нешто добро.

Никогаш не размислував дека мојата кариера може да дојде до тука. Без оглед со што се занимавав, секогаш работев напорно и мислам дека минувањето низ тие пречки ме направија подобар конкурент и уште подобра личност. Ако можам да стигнам до тука, можете и вие. Верувајте во себе без оглед на тоа, дајте сè од себе и еден ден дури и ако имате 170 см, можете да си ги остварите вашите соништа.“

22 септември 2020 - 17:26