Идентичен кам бек на две аргентински десетки

Jасно e дека се работи за великаните Диего Армандо Марадона и Лео Меси. Медиумите и критичарите често пати знаат да се оптоваруваат околу тоа кој е подобар, но ние ќе ви пренесеме еден историски факт кој ги поврзува овие две ѕвезди.

Првите денови од овој месец постојано некако не водат низ историјата на Барселона. Вчерашниот ден на пример будеше слатки спомени за нив, а 5 јануари е датум кој не му е баш омилен на Чави. Вчерашниот поврзува двајца големи играчи од „Камп Ноу", но по добро.

Главната вест поврзана за каталонскиот гигант е синоќешното враќање на Меси кој по пауза од два месеци веднаш ја начна мрежата на Гетафе и тоа два пати, а Барселона оствари висок триумф над Гетафе со 4:0 во рамките на Копа дел Реј.

Три децении пред тоа повреда во дресот на Барселона заработи Марадона по еден неспортски груб старт од зад грб на дефанзивецот на Атлетик Билбао, Андони Гоикочеа.

Волшебникот со топката паузираше еден месец повеќе од Меси , но се врати на истиот датум пред точно 30 години, поточно на 8 јануари 1984 година на мечот против Севиља.

Но тоа не е се. Барселона славеше со 3:1, а Марадона постигна два гола, исто како што вчера постапи Меси. Во временско растојание од точно 30 години овие двајца великани на 8 јануари бележат фантастичен кам бек кој го крунисале со по два погодока.

Кога веќе им издвојуваме нешто заедничко, тогаш вчерашниот противник на Барселона го паметиме и по легендарниот гол на Меси кој на 18 април 2007 година имаше незаборавен слалом против Гетафе исто така во натпревар од шпанскиот куп.

Тој гол веднаш ги врати љубителите на фудбалот на Мундијалот во Мексико во 1986 година, кога Англичаните не можеа да го сопрат Марадона.

9 јануари 2014 - 17:17