Ибракадабра има 23 трофеи во 5 земји, но нема пехар од ЛШ

Фудбалерот кој се споредува со Мухамед Али во претходните 13 години неуспешно се обидуваше да ја освои Лигата на шампиони. Денес слави 33 години како капитен на Пари Сен Жермен. Има уште фора.

Во поход на европскиот трон, Ибракадабра тргнуваше со Ајакс, Јувентус, Интер, Милан и Барселона, но освен домашните првенства и купови, проклетството кое трае 13 години, го следи и во францускиот ПСЖ.

Швеѓанецот има едно 1/2 финале, седум елиминации во 1/4 финалето и пет во 1/8 финалето од елитната Лига на шампионите. 

Златан во ЛШ дебитираше во сезоната 2000/2001, како играч на Ајакс, кога испадна во плејофот од Глазгов Ренџерс и продолжи во Купот на УЕФА.

Следната 2002/2003, Ајакс ја мина првата и втората групна фаза, но испадна во 1/4 финалето од Милан кој таа година стана шампион во Атина.

Во сезоната 2003/2004, Ајакс беше последен во група со 6 освоени бода зад Милан, Селта Виго и Клуб Бриж.

Ибра во 2004/2005 играше ЛШ со Јувентус, но испадна со „бјанконерите“ во 1/4 финалето од Ливерпул, кој истата година ја освои Лигата на шампионите во епското финале со Милан во Истанбул.

По калчополи скандалот во Италија, кога Јуве испадна во втората лига, Ибрахимовиќ отиде во Интер но и таму не успеа да стигне до пехарот од ЛШ. Валенсија се покажа како подобра екипа во 2006/2007.

Шведскиот репрезентативец доживеа ново разочарување и следната година, кога Интер испадна од Ливерпул во 1/4 финалето.

Ниту од третиот обид, Ибрахимовиќ не стигна до најпосакуваниот трофеј. Во сезоната 2008/2009, Интер испадна од Ливерпул во 1/8 финалето.

Кога дојде во Барселона во 2010-та, сите очекуваа Златан заедно со Меси, Чави, Иниеста и Пујол да го крене пехарот во ЛШ, но во таа намера ги спречија Мурињо и Пандев со Интер во 1/2 финалето. Миланскиот клуб тогаш ја освои и првата „триплета“ во историјата.

По кратката авантура во Барса, Ибра се врати во Италија, но ни тоа не му помогна со Милан да ја освои Лигата на шампионите. „Росонерите“ испаднаа од Тотенхем уште во 1/8 финалето.

Во сезоната 2011/2012, Ибрахимовиќ и Милан налетаа на Арсенал со Тиери Анри, истиот противник кој го му го скрати сонот на Ибра со Јувентус 7 години порано.

Ибрахимовиќ потоа ја почна следната сезона во дресот на Пари Сен Жермен, клуб кој направи „дрим-тим“ но не можеше да се носи со Барселона, од која испанда во 1/4 финалето.

Минатата година Златан испадна од ЛШ со неговиот ПСЖ од Челси во 1/4 финалето. Тоа беше последно разочарување за Златан, кој се надева дека годинава ќе може да оди до крајот од најквалитетното европско натпреварување. 

По 2. кола, парискиот клуб има 2 победи и со 6 бода е прв во група со Барселона, Андерлехт и Аполон.

3 октомври 2014 - 16:24