Златан Ибрахимовиќ решил да се вакцинира против коронавирусот, па се распрашувал кај неговиот добар другар Дејан Станковиќ кој е тренер на белградска Црвена звезда.
Деки успеал да му договори термин на Ибра за да прими вакцина во Србија, но во меѓувреме клубот Милан не му дозволил на Ибра да ја напушти Италија поради сериозните протоколи, мерки и карантини кои би го чекале при враќањето.
„Златан Ибрахимовиќ, како и доста луѓе од Италија, изрази желба да дојде во Србија и прими вакцина против вирусот. Во тоа име му помогнал Дејан Станковиќ кој обезбедил услови Швеѓанецот во Белград да се вакцинира. Но Милан му забранил зошто и самиот клуб уште се раководи со ригиден, строг протокол кога се работи за вакви работи“, пишува „Српски телеграф“.
Претходно, богатиот претседател на Удинезе, Франко Солдати со сопругата Изина дошол во Белград да прими вакцина.
„Благодарение на пријателите од Србија добив прилика да се вакцинирам и веднаш прифатив“, рекол Солдати.
На прашањето зошто во Италија фудбалерите и стручните штабови уште не се вакцинираат масовно, Солдати рекол:
„Причината е што на ниво на Европа има многу проблеми со набавка на вакцини и тоа секако придонесе вакцината да не е многу распространета, па така и вакцинацијата. Тоа е нешто што сигурно ќе направи проблеми во иднина“.
Солдати во разговор со српските медиуми порачал и дека веднаш би го ангажирал Станковиќ за тренер доколку тоа би можело.