Холандски Витезе со руски сопственик е исфрлен од лига од (не)јасни причини

Кралската фудбалска федерација на Холандија драконски го казнила Витезе со одземање 18 бодови во актуелната сезона. Одлуката е донесена во петок вечер поради што познатиот холандски клуб и математички испаѓа во втора лига.

Витезе е вториот најстар клуб во цела Холандија. Основан е во далечната 1892-ра година. Овој клуб во 2022-ра година играше и во осминафинале на Лига Конференции каде се сретна со Рома.

После цели 35 години во најдобро друштво во прва лига, Витезе од Арнем ќе испадне во втора лига поради административни мерки. Ова е најдраконска казна во историјата на холандскиот фудбал. Клубот Витезе решил дека нема да упати жалба на одлуката и го прифаќа решението.

После 30 одиграни кола во холандска Ередивизија, Витезе имал 17 бода, бил на последно место на 4 кола пред крајот и имал мали шанси да обезбеди опстанок но постоела веројатност да се избори за баражот за опстанок во лигата.

ШТО СЕ СЛУЧИЛО?

Потешкотиите за Витезе траат неколку години. Уште од 2012-та година кога доби нови сопственици.

Во 2019-та година кога клубот имал фантастичен буџет од 29 милиони евра (четврти најголем во целата лига после гигантите Ајакс, ПСВ Ајндховен и Феенорд) почнале да се јавуваат некои нејасни проблеми.

Сопственик на Витезе од 2018-та бил Валериј Оиф, Русин од Украина, наводно близок до легендарниот газда на Челси Роман Абрамович кој се најде на жесток удар на британските власти кои практично го прогонија од Челси.

По избивањето на војната меѓу Русија и Украина, Валериј Оиф сакал да ги избегне притисоците и замрзнувањето на средствата и одземање на имотот со кои се соочи неговиот близок пријател Абрамович во Велика Британија и сакал да го продаде клубот.

Холандските власти наводно го обвиниле клубот Витезе дека долго време доставувал воздржани информации во истрагата на холандските власти да се докаже потеклото на вложените средства во клубот (евентуална поврзаност со рускиот бизнисмен Роман Абрамович после санкциите на ЕУ до лица од Руска Федерација).

„Обемот на санкцијата е заснован на исклучително и сериозно кршење на системот за лиценцирање. Ова вклучува и пружање непрецизни информации кои беа важни за форензиската истрага за можно кршење закони и санкции за ускратување информации важни за процена на континуитетот на Витезе“, стои во соопштението на Холандската кралска фудбалска федерација.

Рускиот инвеститор Валериј Оиф (долу на слика) во 2010-та година купил дел од акциите на Витезе а во 2018-та купил мнозински пакет акции и веднаш на располагање на клубот ставил буџет од 150 милиони евра! Претходно Витезе бил во сопственост на Александар Чигрински и Грузиецот Мераб Жорданија, двајцата блиски пријатели на Роман Абрамович.

Интересно, Жорданија е поранешен фудбалер на Динамо Тбилиси а едно време бил и претседател на Фудбалската федерација на Грузија и селектор на репрезентацијата.

Врските на Витезе со Роман Абрамович пробало да ги истражува и холандското министерство за екомонија коешто било одговорно да врши мониторинг на ситуацијата во однос со санкциите на ЕУ до Руска Федерација.

Витезе во меѓувреме до Кралската фудбалска федерација на Холандија испратил понуда за одобрение за нова сопственост со претходни измени во клупската управа. Од федерацијата соопштиле дека ќе го разгледаат ова барање. 

Еден од клучните проблеми бил и обидот за продажба на клубот на Американецот Коли Пери кој требал да го преземе клубот од Валериј Оиф. Целиот трансфер бил блокиран зошто холандските власти не можеле да го утрвдат потеклото на средства на американскиот бизнисмен.

Витезе бил под истрага и за наводна поврзаност со Роман Абрамович кој наводно му позајмувал пари на сопственикот на Витезе Оиф.

„Иако е ова мрачен ден за сите кои го сакаат Витезе, ова е сурова реалност. Оваквата казна беше неизбежна. Од друга трана, сакаме да им ставиме на сите до знаење дека сме екстремно среќни што добивме шанса да ја задржиме лиценцата зошто и тоа висеше на конец“, рекол в.д. генералниот директор на клубот од Арнем Едвин Рејнтјес.

Витезе пред три години играше во финалето на Купот на Холандија кој го освои во 201-та година. Во овој клуб својот развој го започнаа познати фудбалски имиња како Филип Коку, Рој Макај, Немања Матиќ, Мејсон Маунт и други.

Врските на Витезе со Роман Абрамович никогаш не беа докажани иако овој клуб практично веќе неколку години е неофицијална филијала на Челси од каде често доаѓаат играчи на позајмица.

20 април 2024 - 11:13