
Клуб Бриж е најпријатно изненадување во групната фаза од Лига на шампиони. Во вторникот вечер го пречекаа Атлетико Мадрид кој од старт тргна по водство но на голот на Белгијците одличен беше Симон Мињоле, некогашниот голман на Ливерпул.
Во 35’ минута домаќинот ги казни Мадриѓаните за очајната реализација. Шпицот Феран Жутгла се проби низ одбраната на Атлетико, го проигра Науел Молина кој му асистираше на Камала Соу за 1-0 и огромна радост на стадионот „Јан Брејдел“.
После голот Клуб Бриж се повлече и пак му препушти иницијатва на Атлетико Мадрид и чекаше на ретки контранапади.
Оваа тактика вроди со плод во 62’ минута кога повторно после прекрасна акција Клуб Бриж поведе 2:0 со убавиот гол на младиот Феран Жутгла:
Во 75’ минута Антуан Гризман промаши пенал и не му овозможи на Атлетико да проба да се врати во мечот. Гризман играше од почеток за разлика на претходните средби кога влегуваше само од клупа и тоа после 60-та минута (еве и зошто).
КОЈ Е ФЕРАН ЖУТГЛА, ЈУНАКОТ НА СЕЗОНАТА НА КЛУБ БРИЖ?
„На фудбал мене често ми викаа дека не сум доволно добар. Не ги кажуваа причините. Само ме исфрлаа и толку. Два пати сум исфрлен од Еспањол како недоволно добар, а Валенсија ме одби. Најверојатно тоа ми го изгради карактерот“, искрено вели младиот Шпанец Феран Жутгла кој е откровение на сезоната во Лига на шампиони.
Жутгла на 16 години сакал да го батали фудбалот зошто не поминал на проба каде и да бил. Го вратиле од академијата на Еспањол каде го сметале за недоволно талентиран. Не знаел што сака да прави понатаму.
Цел живот сонувал за фудбалска кариера но наеднаш немал каде да игра. Тоа го натерало повеќе да учи во школо а да тренира само два пати неделно. Сомневал дали воопшто да продолжи?
Поле една година Феран го вратиле во академијата на Еспањол но никогаш не добил шанса во прв тим, туку го праќале по разни позајмици. Пред пола година 22-годишниот Жутгла дремел во Б тимот на Еспањол со капитенска лента но ниту еднаш не тренирал со прв тим. Шанса му давал само тренерот на Б тимот Хозе Антонио Геи.
Тој барал од управата да му се даде шанса на младиот Феран но му одговориле дека во клубот има поперспективни деца од него и пред се помлади.
„Ми наговестија дека треба да играат други. Жутгла никогаш не го ценеа, тој ниту тренираше со првиот тим. И покрај тоа што јас настојував. Им покажував видеа, статистики, им викав дека многу влијае на играта“.
Жутгла бил разочаран а тренерот на Б тимот на Еспањол објаснил дека најслаба точка на центарфорот му е во психологијата. „Ако му викаа, тој спушташе рамена. На крајот на сезоната 2020/2021 не добил шанса во Еспањол па изненадно отишол во Б тимот на Барселона.
Кај тамошниот тренер Серхи Бархуан Жутгла играл одлично како крилен напаѓач (4 гола и 4 асистенции на 15 меча) но никогаш не станал ѕвезда во Б тимот на Барса. Во декември 2021 поради повреди и суспензии од првиот тим на Каталонците отсутни беа речиси сите напаѓачи: Депај, Фати, Брајтвајт, Агуеро, а Феран Торес, Адама Траоре и Обамејанг уште не беа дојдени.
д Б тимот Жутгла бил прекомандуван кај Чави во прв тим и добил шанса да заигра во Ла Лига.
„Кога ме префрлаа во прв тим, Барселона преживуваше едно од најтешките времиња. Искрено никој ништо не очекуваше од мене. Тоа ми даде поголема самодоверба и покажав што знам“, се сеќава младиот Шпанец.
Немало место на крило па затоа на мечот со Елче го ставија во самиот шпиц од нападот. За пола година тој поминал пат од крилен напаѓач во Б тимот на Еспањол до прв шпиц стартер во Барселона кај Чави!
„Чави во мене гледаше напаѓач. Барса немаше центарфори, а Чави не веруваше многу во Лук Де Јонг. Затоа ми предложија да играм во центар од нападот“.
Младиот талент одговори со гол и така му се заблагодари на Чави. Но шанса доби само на четири меча. И после одново го вратија во Б тимот на Барселона пред се поради трансферот на Обамејанг. Феран кога се вратил кај другарите во Б тимот, на 17 натпревари имал 15 гола и 2 асистенции. Јавно се жалеше дека не му даваат уште една шанса.
Тогаш веќе се зборуваше за Левандовски и на Жутгла веќе заборавиле и навивачите и управата на Барса. И тогаш Феран решил да си оди.
„Не ги затворам вратите да се вратам во Барса после две или три години“, напишал на социјалните мрежи.
Добил понуда од Клуб Бриж, а белгиските медиуми пишувале дека Феран кога потпишал, мечтаел само едно: да заигра во Лига на шампиони против Реал или Барселона или Атлетико. Желбата не само што му се оствари, туку постигна гол и еден намести со асистенција за голем триумф над славниот Атлетико Мадрид и против Порто.
Феран Жутгла во моментов е прв и најдобар стрелец во белгиската лига. Ставен е и на поширокиот список на Шпанија во рамки на подготовките за Светско првенство, а неговиот Клуб Бриж е убедливо прв во група во Лига на шампиони.
БРИЖ НА НИВО НА РЕАЛ МАДРИД И БАЕРН МИНХЕН
Интересно, за првпат во клупската историја Клуб Бриж има три победи во Лига на шампиони без примен гол. Само уште Баерн и Реал Мадрид имаат таков учинок после три кола сезонава со тоа што Реал има натпревар помалку.
Клуб Бриж во Лига на шампиони дојде од четврти шешир. Минатата сезона играа сосема пристојно во група со Манчестер Сити, ПСЖ и Лајпциг.
Тие може да се пласираат во нокаут фаза уште во следното коло, за првпат уште од 1990-та година кога Лига на шампиони беше Куп на европски шампиони (КЕШ). Тогаш изгубија од Милан после голема борба. Сега им требаат уште три бода за и теоретски да се пласираат понатаму.
Следен предизвик ќе им биде Атлетико во Мадрид каде ги чека преполн стадион и повеќе од шеесет илјади навивачи.
КОЈ ИМ Е МЛАДИОТ ТРЕНЕР НА КЛУПАТА?
Тренер на оваа сјајна екипа која прави одлични резултати е младиот, дебитант на клупата, Белгиецот Карл Хефкенс (43) кој во кариерата играл за белгиски и англиски клубови како Лирс, Ломел, Вестерло, Жерминал Бершот, ВБА и Клуб Бриж.
Во други води влегува како скаут на помалку познатиот клуб Кноке а како тренер почнува од младинската школа на Клуб Бриж каде доаѓа во 2018-та. Од мај годинава 2022 седнал на клупата на првиот тим.
Во кратко време влезе во историјата и во категорија на ретки тренери кои имале три победи на три први меча во Лига на шампиони и тоа без примен гол: Пеп Гвардиола (Барселона 2008/2009), Роберто Ди Матео (Челси, 2011/2012), Тито Виљанова (Барселона, 2012/2013), Диего Симеоне (Атлетико Мадрид, 2013/2014), Ханс-Дитер Флик (Баерн Минхен, 2019/2020).
Од овие пет тренери, четворица стигнале дури до финалето на ЛШ во сезоната кога почнале без пораз.