Високиот центарфор сезонава даде 17 голови во сите натпреварувања, а шест на последните шест средби во Премиер лигата. Тотенхем вчера го победи Челси 5:3, а Хари Кејн даде два гола и намести еден до 52. минута, по што сè погласно се зборува за негов повик во репрезентацијата на Англија. Воедно, тоа беше и прв пораз со четири примени голови за Челси под водство на Мурињо, на кој единствено Барселона успеала да му даде четири или повеќе голови.
„Го уживам периодов. Сакам само да играм, а деновиве одигравме многу натпревари што беа прави за мене. Се надевам дека ќе продолжам во ист стил. Да ѝ се даде пет голови на една од најдобрите одбрани во светот е навистина неверојатно. Презадоволен сум како играме како тим“, изјави Кејн после триумфот на Вајт Харт Лејн.
Корпулентниот напаѓач изминатата година ја одбележа и во дресот на Англија У21, каде на шест настапи даде пет голови, од кои и одлучувачкиот против Хрватска во октомври за пласман на ЕП 2015. Хари Кејн е дете од фудбалската академија на Тотенхем, а за првиот тим на Спарси заигра пред 3 години, кога стана полнолетен. Паралелно со позајмиците во Лејтон Ориент, Милвол, Норвич и Лестер, Хари Кејн играше и за сите селекции на англиската репрезентација: У17, У19, У20, У21.
Неговиот татко е роден во ирскиот град Галвеј и Хари има право да игра и за Република Ирска, но во август минатата година тој изјави дека сака да игра само за Англија. На селекторот Рој Хоџсон сега му останува да најде место за Кејн покрај Руни, Стариџ, Велбек, Стерлинг и Лалана.
Натпреварот против Челси беше 52 за Хари Кејн во дресот на Тотенхем, десетта средба по ред како стартер во екипата со што го истисна од првиот тим 30 милиони евра вредното засилување, Роберто Солдадо и Емануел Адебајор.
Лична Карта: Хари Кејн
Роден: На 28. јули 1993-та во Чингфорд (Англија)
Позиција: Напаѓач
Висина: 1,83 см
Број на дрес: 18
Кариера: Тотенхем, Лејтон Ориент, Милвол, Норвич, Лестер, Англија У17, У19, У20, У21.