Ејдур Гудјонсен играше за Болтон во периодот од 1998-ма до 2000-та година, пред да замине во Челси а потоа и во Барселона. Откако му истече договорот со белгискиот Клуб Бриж, исландскиот фудбалер (36) во моментов тренира со Болтон, екипа за која постигна 27 голови на 77 настапи.
По заминувањето од Ноу Камп во 2009. година, Гудјонсен премина во Монако а потоа имаше неуспешни обиди во Тотенхем, Стоук и Фулам. Во меѓувреме играше и за АЕК од Атина и Серкл Бриж.
„Ако има некоја пречка, тоа е ситно нешто и нема никаков проблем Гудјонсен да потпише со нас. Се надевам дека ќе го имам во тимот викендов. Потребен ни е таков играч, затоа што не може секој да игра три-четири години во Барселона. На Исланд му оди добро во квалификациите и Гудјонсен сака да игра во репрезентацијата“, изјави Неил Ленон, тренерот на Вондерерс.
Болтон неделава доби уште еден ветеран како засилување, откако Емил Хески (36) реши повторно да заигра фудбал.
„По настапите во австралиската лига, Емил сега е слободен агент. Го познавам уште од времето кога бевме во Лестер, а подоцна сакав да го доведам и во Селтик. Можеби е пред крајот на кариерата, но уште има што да покаже. Неговата минутажа ќе зависи од тоа како ќе се покаже во следните 2 недели“, заклучи тренерот Ленон.
На Гудјонсен му фали уште еден клуб во кариерата, за да се израмни со Николас Анелка, кој смени дури 11 екипи досега.
Лична карта: Ејдур Смари Гудјонсен
Роден: 15 септември 1978 Рејкјавик, Исланд
Позиција: Полушпиц, шпиц
Кариера: Валур, ПСВ, Рејкјавик, Болтон, Челси, Монако, Тотенхем, Стоук, Фулам, АЕК Атина, Серкл Бриж, Клуб Бриж
Репрезентација: Исланд, 78 настапи, 24 голови