Грнчаров: Заслужува ли Вардар да игра на селски стадиони?

Одлуката на Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор да го поскапи рентањето на Градски, ги избрка Вардар и Работнички од својот матичен стадион. Капитенот на Вардар реагираше на Фејсбук.

Работнички последните две средби на домашен терен во македонското првенство ги одигра на стадионот во Ѓорче Петров, а Вардар утре со почеток од 15:30 ќе ја пречека Ренова на стадионот „Борис Трајковски“ во Маџари.
 
Овие одлуки се должат на поскапувањето на цените за изнајмување на арената Филип Втори со која стопанисува АДСДП. На капитенот на Вардар, Бобан Грнчаров не му е сеедно што нема да играат онаму каде што им е местото.

Домашен меч на арената „Филип Втори“ изнесуваше 1.000 евра во дневен термин и 2.000 во ноќен термин, а според новиот ценовник сега се три пати повеќе или 3.000 и 6.000 евра.
 
На оваа тема критики стигнаа од управата на Вардар која ден по мечот против Зенит свикаа прес конференција.
 
Тие беа гневни што за европските натпреварувања цените поскапеа од 12.000 на 35.000 евра (без ДДВ) и тоа на 40 часа пред првиот историски меч од Лига Европа и направија компарација со други стадиони.

19 септември 2017 - 10:13