За гостувањето на Англија, инаку финалист на последното Европско, има голема фудбалска треска, без разлика што доаѓаат по трет пат, а мечот не може ништо да промени во последното квалификациско коло за ЕП 2024.
Стадионот како ретко кога откако е реновиран, целосно е распродаден. Картите по цена од 400 и 600 дена отидоа како алва. Цената одлична, пред 20 години картите против Англија чинеа по 1.000 и 1.500 денари.
Англичаните кои никогаш во 64 годишната историја на Европските првенства не станале шампиони, се веќе пласирани на турнирот следното лето и ова ќе им биде само тренинг натпревар.
Без разлика на тоа, на трибините во Скопје ќе имаат голема поддршка од 2.312 навивачи. Тоа е бројот на билети за нив по цена од 9,5 фунти (667 денари) кои ќе ги подигнат во хотелот Холидеј Ин.
Гостите добија долга листа на инструкции која може да ја прочитате тука. Меѓу нив се нагласува да спремат кеш, бидејќи во земјата било дефицитарно со терминали за картици.
Да не носат полначи за телефони, батерии и торби на стадион бидејќи се забранети и дека се очекува да бидат задржани на стадион, максимум 30 минути по завршувањето на мечот.
Во инструкциите стои навивачите да внимавале на женскиот тоалет на стадион, затоа што не бил добро означен. Во меѓувреме побарале тоа да се среди за да нема забуни.
Инаку интересот за мечот е огромен и кај медиумите. Дури 120 новинари испратиле барање за акредитација до ФФМ, 80 македонски и 40 англиски.
Селекцијата на Англија допатува синоќа со посебен и многу построг режим за разлика од Италија. Пристигнаа со свое обезбедување, готвачи и организациски одбор и од авион поминале преку посебен излез на аеродром од каде се упатиле директно кон хотел Мериот.
Не одржаа тренинг, што обично е пракса на гостите на ден пред натпревар и ниту се појавија на стадионот да ја нагазад новата трева. Изненадувачки, Англичаните ја изнајмиле салата Јане Сандански за да ги истегнат мускулите по синоќешниот лет.
За разлика од нив, Италијанците како актуелни европски прваци и четирикратни светски шампиони направија барем прошетка на теренот и беа многу полесно достапни за разговор и фотографирање. Секој што му пријде на легендата Џиџи Буфон беше примен со топла насмевка.
Што се однесува до стартните 11, селекторот Саутгејт ќе направи шест измени од мечот против Малта.
Македонија се среќава по шести пат против Англија. Стартувавме во квалификациите за ЕП 2004, со незаборавните 2:2 во Саутемптон, па пораз дома од 1:2 кога Руни на 17 години стана најмлад стрелец на Англија, а 10 минути подоцна Бекам погоди од пенал за целосен пресврт. На полувреме водевме со голот на Христов.
Историјата се повтори и во следните квалификациите за ЕП 2008. Нерешено на гости 0:0 и пораз дома од 0:1 со голот на Крауч. Во овие квалификации, на 19 јуни загубивме 7:0.
Натпреварот стартува во 20:45, но ФФМ апелира да се оди многу порано.