Голот на месецот падна во Германија каде Халанд побудалува

Фудбалерите на Вердер Бремен во улога на аутсајдер го совладаа Дортмунд со 3:2 во спектакуларен натпревар на кој имаше најмлад стрелец во историјата и најубав гол сезонава во Германија. Халанд пак даде гол, не знае за доста.

Колку што слабо игра во Бундеслига каде му се смее испаѓање во втора лига, Вердер Бремен толку добро игра во Купот на Германија. „Зелено-белите“ се пласираа во 1/4 финалето на Купот.

Тимот на Флориан Кофелдт ја урна големата Борусија која дојде со најсилен состав: играа и Ројс и Азар и Хумелс. Но тоа не му сметаше на домаќинот да поведе уште во 16’ минута. Рашица шутираше, Хитц ја одби топката а Давид Селке налета и го отвори резултатот:

А пазете сега ова. Битенкур во 30’ минута го дава можеби најубавиот гол на сезоната во Германија:

За Леонардо Битенкур овој еврогол е посебен затоа што тој една сезона (2012/2013) помина во Борусија Дортмунд (5 меча, 1 гол). Понатаму играше за Хановер, Келн и Хофенхајм каде воопшто не играл зошто барал да го пратат на позајмица.

Сезонава игра за Вердер каде најдобри партии пружа во Купот: 2 меча, 2 гола.

ХАЛАНД ПАК ВЛЕЗЕ ОД КЛУПА И ПАК ДАДЕ ГОЛ

На стартот на 2. полувреме во игра наместо Азар влезе Ерлинг Халанд и како х пати досега, пак даде гол. Неверојатно ова е 8-ми гол на 4 меча за Борусија. Норвежанецот игра во страшна форма и стана првиот фудбалер во историјата на Бундеслигата кој на 4 први настапи дал дури 8 гола. И тоа само еднаш играше од старт и ниеднаш не ги одигра сите 90 минути.

Но резултатот 2:1 не траеше долго. Во 70’ минута Милот Рашица ја врати предноста на Вердер од два гола:

Во финишот уште еден рекорд. Во 78’ минута Борусија пак го намали резултатот и тоа преку најмладиот стрелец во историјата на германскиот Куп Џовани Рејна кој даде можеби и поубав гол од оној првиот на Вердер:

Џио Рејна постигна гол на возраст од 17 години и 82 дена. Негов татко е легендарниот фудбалер на САД Клаудио Рејна кој едно време во Глазгов Ренџерс играше со Џовани Ван Бронкхорст и го нарекол синот во чест на Холанѓанецот.

Џовани во средината на јануари стана и најмладиот Американец во историјата на Бундеслигата: влезе од клупата за резерви на мечот против Аугзбург (5:3) на 17 години и 66 дена.

5 февруари 2020 - 09:26