По дебаклот од Хрватска (0:3), во репрезентацијата на Аргентина се случи права револуција: 5 измени во стартниот состав а главната од нив - на голот.
Наместо Вили Кабаљеро кој е резервен голман во Челси (беше резерва и во Манчестер Сити), мрежата на „гаучосите“ ја чуваше Франко Армани, вториот голман во составот.
Откако многумина се прашуваа како од толку добри голмани, дунстерот Кабаљеро застанал на гол, одговорот лежи во фактот дека најдобриот аргентински голман кој бранеше и во квалификациите Серхио Ромеро се повреди пред Светското.
Кабаљеро направи катастрофални грешки против Хрватите и тоа го чинеше место на голот.
Синоќа прв голман беше Франко Армани, 31-годишен голман којшто одамна важи за топ голман во Јужна Америка и кој против Нигерија синоќа дебитираше за репрезентацијата.
Армани добил повик во мај годинава по реакција на јавноста.
Интересно Франко Армани до минатиот февруари не бранел на ниту еден меч од аргентинската елитна дивизија затоа што одамна направил трансфер во колумбискиот Атлетико Насионал каде останал 8 години.
Со колумбискиот гигант Армани освоил море трофеи: 6 шампионски титули во земјата, 3 Купа на Колумбија и најглавниот - Копа Либертадорес во 2016 година (цела групна фаза не примил гол).
Високиот Франко во есента 2017 се оженил за Колумбијка и побарал државјанство: „Ми треба пасошот не за да играм за Колумбија туку затоа што сакам да живеам во Меделин. За моите идни проекти е многу важно да добијам пасош и државјанство. Што се однесува до репрезентацијата на Аргентина, уште верувам. Моја цел е кога тогаш да бранам за мојата земја“.
Колумбија му нудела на Армани натурализација, да брани за нив, но тој одбил.
Во јануари 2018 година Франко направил голем трансфер од Атлетико Насионал во Ривер Плејт за 3 милиони долари.
„Побарав од управата да ме пушти зошто ми се пружи шанса да бранам за најголемиот клуб во родната земја. Можно е така селекторот повеќе внимание да обрати на мене и да ме викне на Светско“, изјавил Армани тогаш.
Армани имаше и доза на среќа затоа што Кабаљеро направи глупости против Хрватска, Ромеро беше отсутен поради повреда но Франко останал спокоен.
„Спремен сум да бранам против Нигеријците ако ми дадат шанса. Напорно се спремав за Светското, чувствувам дека сум во добра форма. Бог ни даде шанса да ја пројдеме групата со победа“, изјави Армани пред мечот на кој беше еден од главните јунаци со неколку чисти одбрани.
Армани синоќа стана 17-от голман на Аргентина во историјата на Светските првенства што е рекорд меѓу сите земји учеснички. Се очекува Армани да го сочува своето место на голот и во осминафиналето против Франција во сабота во Казањ.