Голгетерско шоу на Македонците низ Европа

Селекторот Игор Ангеловски сигурно е презадоволен од формата на македонските репрезентативци во очи на квалификациските средби со Израел (2-ри) и Албанија (5-ти) септември. Голови на наши интернационалци фрчеа во Шпанија, Англија, Италија, Турција, Кипар.

Од каде да почнеме? Од атракцијата на Енис Барди кој почнува да ги плаши голманите во Шпанија кога Леванте ќе добие слободен удар. Ова е четврти гол за него од прекин и прв во Ла Лига со кој му помогна на својот тим да одигра 2:2 против Ла Коруња. Браво мајсторе, мести го нишанот и за репрезентација.

Мрежата во својата нова авантура ја начна и Езџан Алиоски кој постигна одличен погодок за Лидс на гостувањето против Нотингем Форест каде славеше со 0:2.

Брзото офанзивно крило на Македонија ја забавуваше англиската публика

Ангеловски ќе биде на мака кога ќе треба да го скрои нападот за следниве два квалификациски дуели бидејќи голгетерска форма уште на стартот на новата сезона покажаа и Трајковски и Несторовски. Двајцата Македонци беа творци на победата на Палермо против Специја од 2:0 на првиот меч во Серија Б.

Во првата турска лига Гезтепе го совлада Трабзонспор со 3:2, а голот за три бода го постигна Адис Јаховиќ.

Во Серија А, Горан Пандев не беше стрелец за Џенова, но го принуди Миралем Пјаниќ да си постигне автогол уште во 1 минута. Џенова имаше предност против Јуве и од 2:0, но на крајот загуби 2:4.

Стрелец овој викенд беше и Даниел Мојсов кој игра за кипарскиот тим АЕК Ларнака.