Од болницата во австрискиот град Инсбрук во чија близина Ајакс беше на подготовки стигнуваат ужасни вести за состојбата на 20-годишниот играч од средниот ред на Ајакс.
Постариот брат на Нури, Абдерахим изјавил дека Нури веројатно веќе никогаш нема да може да оди, да зборува, да јаде сам и да препознава луѓе. Сево ова е шок за светската фудбалска јавност затоа што Нури до пред само неколку дена важеше за најталентираниот играч на Ајакс.
Славниот клуб на Твитер напиша дека со голема тага објавува дека „На Нури му е дијагностицирано сериозно оштетување на мозокот и дека сите нивни мисли и молитви се со него и неговите најблиски во вака тежок момент“.
На социјалните мрежи веќе неколку часа се праќаат пораки за поддршка на Нури под хаштагот #StayStrongAppie.
#Ajax are deeply saddened by the news that Appie Nouri has been diagnosed with serious and permanent brain damage... (1/2)#StayStrongAppie
— AFC Ajax (English) (@AFCAjax_EN) July 13, 2017
„Ова се најлошите можни вести. Ужасно е. Енормно многу сочуствуваме со неговите родители, роднини и пријатели. Ударот е голем и за Ајакс, иако знаевме дека може да следи вакво сценарио.
Ова беа денови на неизвесност и многу луѓе на различен начин сочуствуваа со нас. Многу сме им благодарни. Абделхак има голем талент, но за жал никогаш нема да знаеме до каде можеше да стаса неговата ѕвезда ако не му се случеше ова“, изјави Едвин ван дер Сар, извршниот директор на Ајакс
Нури е дете на Ајакс. За првиот тим на „Копјаниците“ минатата сезона одигра 15 меча а даде и дебитантски гол во триумфот од 5-0 против Вилјем II. Талентираниот Абделхак одигра и три меча во Лига Европа каде Ајакс стигна до финалето.