Големи ѕвезди кои нема да играат на Светско

До почетокот на најголемиот настан во спортот, Мундијалот 2018 во Русија, има уште 20-ина дена. Јавноста се занимава со списоците на репрезентациите а голем број ѕверки ќе останат пред телевизор да го гледаат Светското првенство.

Фудбалери кои не се најдоа на списоците на своите селектори и играчи кои поради повреди нема да патуваат на спектаклот во Русија:

БРАЗИЛ

Алекс Сандро

„Мене ми е многу жал да оставам надвор од составот играч на такво ниво како Алекс“, изјавил селекторот на Бразил, Тите кој е свесен дека безалтернативен владетел на левата страна е Марсело кој е хиперактивен во напад.

Од тактички причини Тите претпочитал да го викне Филипе Луис кој од клупата ќе чека шанса.

Давид Луиз

Давид од 5. февруари не виде зелен терен поради непријатна серија повреди и конфликт со тренерот на Челси Конте. Пред крајот на сезоната тој конечно го излечил коленото но Тите решил место него да го викне Педро Жеромел од Гремие.

За него можеби не сте слушнале, но Педро Жеромел веќе трета година по ред е меѓу Топ 2 централни стопери во Бразил во избор на ESPN.

БЕЛГИЈА

Раџа Наинголан

Можеби најнепријатно изненадување направи селекторот на Белгија Роберто Мартинез (поранешен тренер на Евертон) кој не го викна Наинголан за репрезентацијата на Белгија на Светско.

Раџа во последните години е најдобар играч на Рома и во три сезони е лидер на екипата по многу параметри.

Селекторот Мартинез изјавил дека не го викнал Раџа само од тактички причини но на крајот признал дека се работи и за карактерот на „Нинџата“: Во последните две години одбравме напаѓачки модел и специфичен систем на игра каде улогите се распределени меѓу разни играчи. Раџа во клубот има важна улога и мислам дека не може да му дадеме таква и во репрезентацијата. А тој не е играч кој може да игра мали улоги“.

Наинголан не го криел своето разочарување:

„За репрезентација секогаш правев сè што беше во моја моќ. Но никој не може да ти наштети како што можеш сам на себе. Од денес ќе бидам најголем навивач на репрезентацијата“, рече Наинголан.

Минатото лето исто имаше конфликт со селекторот кој тогаш кажа дека не го повикал поради односот на Раџа кон работата и од тактички причини. Тогаш двајцата се смирија но проблемите останаа.

Неделава Раџа изјави за La Gazzetta dello Sport: „Тој кажа дека имам важна улога во Рома. Ако би тренирал клуб а не репрезентација би ја градел екипата околу мене. Но во репрезентација тоа не е можно зошто нема доволно време. Ми кажа и уште дека има млади играчи кои со задоволство ќе влезат од клупа на една минута а тебе тоа не ти е доволно“.

ФРАНЦИЈА

Антонио Марсијал и Александар Лаказет

Велат дека Дешам го имал најтешкиот избор меѓу сите селектори на Светското 2018: тој комотно можел да направи четири состави и во сите четири нападот да биде пеколен.

Марсијал и Лаказет не добија повик како што рече Дешам поради психологиј: во есента 2017 тој изјави дека тие двајца подобро играат кога стартуваат од почеток отколку ако влезат како замени. На голем турнир според него тоа е голем минус.

Карим Бензема

Тука е се јасно. По скандалот со интимното видео на Метју Валбуена кога Бензема бил вмешан во луѓето кои барале откуп, селекторот Дешам ниеднаш не го викна шпицот на Реал.

Кингсли Коман, Адриен Рабио и Муса Сисоко

Коман не се најде на список поради тоа што Дешам има многу универзалци во средниот ред а на крила ќе играат или Лемар или Дембеле или Мбапе.

Рабио и Сисоко (кого Дешам пред неколку години го нарече идеален војник) просто не добиле покана зошто на средината се Погба, Канте, Матуиди, Нзонзи и Толисо.

АНГЛИЈА

Џек Вилшер

Џеки беше многу незадоволен што не го викнаа и на Твитер напиша: „Не би криел, крајно сум разочаран. Се чувствував спремен, бев во форма. Мислам дека заслужив повик“.

Според The Times, селекторот на Англија Гарет Саутгејт решил да не го викне Вилшер уште во март. Тогаш го разочарала недоволната спремност на Џек на мечевите против Холандија и Италија. Тој сомневал дека на вака важен турнир Вилшер ќе биде спремен особено на висок пресинг.

АРГЕНТИНА

Мауро Икарди

За овој расен стрелец пишувавме тука. Според една верзија, селекторот Хорхе Сампаоли не го викнал зошто Мауро не се вклопувал во сложениот систем на игра а време за експерименти немало. Медиумите во Аргентина пишувале дека Меси ставил забрана за Икарди поради лошата историја со поранешната жена на Макси Лопез која сега е сопруга на Мауро.

Ерик Ламела и Хавиер Пасторе

Објаснувањето на Сампаоли за Ламела е исто како во случајот со Икарди - тактички причини.

Ерик пропушти 13 месеци фудбал поради тешка повреда (2 операции на бедро) и психолошки проблеми (брат му останал парализиран и му умрело едно омилено долгогодишно куче). Ламела се врати на терен на крајот од 2017-та. Сампаоли практично немал време да поработи со него и поради тоа да почнат сега било доцна.

Пасторе вели дека не оди на Светско 2018 пред се поради тоа што малку играше за ПСЖ. Во јануари го бараше Интер но не се договорија. „Единствено што ми треба е да играм повеќе. Ако не одам на Светско, секој ден ќе се потсетувам дека морам повеќе да играм“, изјави Пасторе.

ШПАНИЈА

Алваро Мората

После сите верии, на крај селекторот Хулен Лопетеги призна: Мората не е викнат поради лошиот втор дел од сезоната во Челси.

ЕКТОР БЕЉЕРИН, МАРКОС АЛОНСО

Сосема е јасно дека прв избор за десен бек на Шпанија е Дани Карвахал, а лев Жорди Алба. На клупа многумина ги очекуваа Бељерин и Маркос Алонсо, но првиот изгуби место од Алваро Одриозола кој пред една година играше со него на Европското младинско У-21 а годинава се докажа во Сосиедад.

Со Алонсо ситуацијата е посложена: на негово место го викнаа Начо Монреал од Арсенал кој сезонава играше мошне слабо. Лопетеги го објасни тој избор со фактот дека одамна работи со Монреал и е сигурен во неговата помош а поранешниот фудбалер Маноло Јеро на едно гостување на радио кажал дека кога настанал конфликт меѓу Маркос Алонсо и селекторот, сите во Фудбалската федерација на Шпанија не сакале да ризикуваат за атмосферата во селекцијата.

СЕСК ФАБРЕГАС, ХУАН МАТА И АНДЕР ЕРЕРА

Во Шпанија има премногу одлични играчи во средниот ред така што Лопетеги се одлучил за Иско наместо Фабрегас, Коке наместо Мата, Асенсио наместо Каљехон и Саул Њигез место Ерера.