Атлетико Мадрид предводен од одличниот Радамел Фалкао оствари предност на првиот полуфинален натпревар од второто по ранг европско фудбалско натпреварување.
На стадионот Висенте Калдерон во Мадрид, Атлетико и Валенсија одиграа одлична фудбалска претстава и докажаа дека шпанскиот фудбал е само Барселона и Реал Мадрид.
Колумбиецот Фалкао го отвори резултатот во 18-та минута со гол со глава, а Валенсија израмни преку Жонас во третата минута од судиското продолжение на првото полувреме.
Домаќините се вратија во водство на стартот на второто полувреме преку Миранда, а Лопез зголеми на 3:1 во 54-та минута.
Феноменалниот Фалкао во 78-та минута постигна прекрасен гол од далечина за високи 4:1, но судиското продолжение повторно се покажа кобно за домаќините и Рикардо Коста во 94-та минута намали на достижни 4:2 кои ветуваат неизвесен реванш.
А многу понеизвесно ќе биде во Билбао каде Атлетик против Спортинг ќе брка негатива од само еден гол.
По не многу возбудливите 45 минути во Лисабон, Спортинг и Атлетик Билбао одиграа интересно второ полувреме.
Најпрво избраниците на Биелса поведоа со голот на Ауртенече во 54-та минута, а по пет минути Амореибета ја погоди стативата.
Сепак домаќините смогнаа сили и направија голем пресврт за четири минути. Израмни Инсуа во 76-та, а победата ја донесе Капел со убав удар од околу 20 метри во 80-та минута,
Финалистите ќе бидат одредени по одигрувањето на реванш натпреварите за седум дена.
ЛИГА ЕВРОПА - ПОЛУФИНАЛЕ (први натпревари):
Спортинг - Атлетик Билбао 2:1
Инсуа 76, Капел 80 - Ауртенече 54
Атлетико Мадрид - Валенсија 4:2
Фалкао 18, 78, Миранда 49, Адријан Лопез 54 - Жонас 45+3, Коста 90+4