Црвените предводени од Клоп нешто побавно го почнаа реваншот, па тоа за малку ќе им се одбиеше од глава. Нераѕурите станаа првиот тим после точно една година кој го совладал Ливерпул на „Енфилд Роуд“ (0:1). Последен пат тоа му успеало на Фулам на 7 март лани (0:1).
ЛИВЕРПУЛ - ИНТЕР 0:1 (0:0)
/Мартинез 63'/
И домаќинот и гостинот имаа неколку пристојни шанси но Хандановиќ и Алисон беа на висина на задачите. Ливерпул се обидуваше да наметне свој ритам, Салах и Мане создадоа неколку прилики но не се снаоѓаа баш најдобро.
Тоа во 63' минута од мечот го искористи Лаутаро Мартинез кој постигна фантастичен еврогол од дваесетина метри, за огромна радост на гостинските навивачи кои во голем број беа во гостинскиот сектор:
И кога италијанскиот шампион беше решен да тргне по голем подвиг, само неколку секунди после водечкиот гол на Интер, Алексис Санчез направи непромислен старт, стигна до топката но во продолжение со отворен ѓон го фаулираше Фабињо и доби втор жолт, автоматски црвен картон.
Интер последните половина час ги играше со играч помалку и не успеа повторно да го загрози голот на Алисон.
БАЕРН ГО РАЗМОНТИРА САЛЦБУРГ, ЛЕВАНДОВСКИ ДО ЕКСПРЕСЕН ХЕТ-ТРИК
Германскиот шампион Баерн Минхен после најдобриот меч во сезонава 2021/2022 со неверојатни 7:1 го распарчи австрискиот првак РБ Салцбург.
БАЕРН - РБ САЛЦБУРГ 7:1 (4:0)
/Левандовски 12' пен., 21' пен., 23', Гнабри 31', Милер 54', 83', Сане 86' - Кјергор 71')
Сезонава 2021/2022 стана седма последователна за сјајниот Полјак Роберт Левандовски во која постигнува најмалку 40 гола. И покрај тоа што веќе е во зрели 33 години, Левандовски и натаму решета како во раната младост.
На „Роби“ му требаа 10 минути и 20 секунди растојание да постигне три гола од кои два од пенали досудени од францускиот судија Клеман Турпан.
До крајот од мечот Баерн не спушташе гас и го размонтира противникот со неверојатни 7:1, резултат кој не е баш секојдневен во Лига на шампиони ниту во Лига Европа.