Се работи за Бојан Миовски, генерација 1999-та кој игра за У-21, кој доби повик од селекторот Милевски за престојните натпревари на Македонија на почетокот од следниот месец.
Младиот напаѓач игра во унгарскиот шампионат за МТК од Будимпешта, а викендов беше еден од клучните играчи на дуелот против Ујпешт кој го добија со 2:1.
Миовски прво го израмни резултатот во 72-та минута, а во судиското продолжение асистираше за победа. По 4 кола тој има постигнато 2 гола, а неговиот тим е втор на табела.
22 годишниот напаѓач ја почна кариерата во Брегалница 2017-та, а пред да замине во странство беше член и на Работнички, Македонија Ѓорче Петров и Ренова.
Во септември ќе има можност да се докаже на три натпревари. Дома против Ерменија и Романија на 2 и 8 септември и на гости против Исланд на 5-ти.
По првите три кола во мундијалските квалификации за Катар, Македонија под водство на Мрме загуби од Романија, а потоа оствари две победи. Петарда против Лихтенштајн и светска сензација против Германија на гости.