Го видовте ли новото правило за голмани во фудбал?

Меѓународниот одбор на фудбалски сојузи (IFAB) кој има надлежност за правилата во фудбалот, донесе ново правило кое би можело и тоа како да ја смени динамиката во оваа игра.

Од летово па натаму, голманите ќе смеат да ја држат топката само 8 секунди пред да ја пуштат пак во игра. Ако не се ослободат од топката за 8 секунди, судијата ќе му додели корнер на противникот. Со ова правило ќе се крати уште повеќе времето кое обично го задржуваат и ќе се спречи свесното ризикување жолт картон за голманите кои често намерно задржуваа време по цена на жолт картон. 

ИФАБ направил неколку тестирања на ова правило во Англија, Италија и Малта, така што е изгласано и ќе биде воведено во новата сезона 2025/2026.

Правилото ќе почне да важи од 1. јули на сите нивоа на фудбалски турнири од аматери до професионален елитен фудбал. Ќе биде применето и на Светското клупско првенство кое во нов формат ќе се игра од 15-ти јуни до 13-ти јули.

Судиите ќе бидат задолжени и 3 секунди откако голманот ќе ја фати топката, да ги опоменат дека им остануваат уште 5 секунди да се ослободат од неа или во спротивно ќе им се додели корнер на противниците. Судијата ќе крева рака после 3 секунди откако голманот ќе ја фати топката и ќе почне визуелно да одбројува со раката.

Ова правило и досега го имаа судиите но никогаш не беше практично применувано со крената рака и одбројување. Досегашното правило велеше дека ако голманот ја држи повеќе од шест секунди топката, судиите имаа право да досудат индиректен удар за противникот.

За време на пробите, во само четири случаи од сто судиите биле принудени да ги казнат голманите односно да досудат корнер за ривалот.

Ќе биде интересно и како навивачите иронично ќе му одбројуваат на противничкиот голман додека не се ослободи од топката.

Досега нема статистички мерења колку обично голманите задржуваат време иако во септември 2023-та јавноста со големо внимание го проследни моментот кога стоперот на Брајтон Џејсон Стил додека водеа 1-3 против Манчестер Јунајтед на „Олд Трафорд“ ја држел топката 14,8 секунди а голманот на Манчестер Онана 4,8 секунди.

„Процентуално има околу 4% шанса да падне гол од корнер така што не е некоја огромна закана но пред крајот од мечот, последна работа што соиграчите сакаат е да бранат корнер додека водат“, вели некогашниот англиски репрезентативен голман Роб Грин.

4 март 2025 - 11:39