А сега подгответе се за тоа што сакаме да ви го најавиме со насловот. Фудбалската репрезентација на Германија во целата историја на квалификациите за Светско има само 2 порази. ДВА.
Значи зборуваме за период од 87 години во кој скорот им е следен:
94 натпревари: 74 победи, 18 нерешени и 2 порази. Гол разлика: 292:70.
Да, сигурно помисливте дека сме грешка, ама ја симнавме статистиката и ја споделивме за сами да видите. Првиот пораз во мундијалските квалификациите им е од Португалија за СП 1986, а вториот од Англија за СП 2002. Луда работа.
Тоа значи дека Македонија вечерва ќе се обиде да направи светска сензација против светска селекција која од 1934-та година е немилосрдна во овие циклуси против цел свет. 20 години немаат загубено квалификациски меч за СП.
Во нашата група Германците тргнаа со победи против Исланд дома и Романија на гости и стигнаа до серија од 18 победи во низа на мундијалските квалификации.
Четири пати се светски прваци и уште четири пати финалисти. Концептот им е стратешки со многу школи и многу работа, со правила и сето тоа им функционира во континуитет, како што го оставија на долги стази да работи и селекторот.
15 години ги води Јоаким Лев кој ги презеде во 2006-та и кој си заминува од функцијата по завршувањето на Европското ова лето.