Дер Бомбер, како што го нарекора подоцна Германците почина во неделата на 75 годишна возраст. Но неговиот рекорд на постигнување голови, сè уште не недостижен за најдобрите од денешно време.
Како млад, Герд Милер го исмејувале дека бил низок и дебел. Во една прилика изјави дека ако не успее како фудбалер, веројатно ќе работел во осигурителна компанија. Ако ги гледаме неговите историски фотографии, тешко е да го замислиме, како наместо пехари, в рака држи документи.
Германската фудбалска икона се бореше шест години со Алцхајмерова болест и замина како еден од најдобрите напаѓачи. За него зборуваат врвните успеси остварени во 70-те и на клупски и на репрезентативен план.
„Без неговите голови, Баерн Минхен и германскиот фудбал не би биле она што се денес. Тој беше и останува најдобар на сите времиња. Мухамед Али од шеснаесетникот“ рече еден друг великан на германскиот гигант, а сега извршен директор, Карл Хајнц Румениге.
Милер постигна 365 гола на 427 натпревари во Бундес лигата за Баерн Минхен и имаше огромна улога во издигнување на клубот од регионалните лиги до трите европски титули во низа од 1974-та.
Чисто како споредба со бројките од модерно време, Роберт Левандовски се смета за најдобар напаѓач на Бундеслигата сега, но заостанува 87 гола зад Германецот и покрај тоа што има 278 голови.
Милер држеше просек од 0,85 голови по натпревар на 427 лигашки натпревари, а Левандовски 0,79. Кога незапирливиот Пољак постигна 41 гол минатата сезона, успеа да му го сруши рекордот на Милер од 40 погодоци кој го држеше 49 години.
Ништо од ова не е кажано за да се омаловажат достигнувањата на Левандовски, туку за да се нагласи колку е сензационален Милер.
Во дресот на Западна Германија, тој постигна 68 гола на 62 средби, рекорд кој му траеше 40 години и кој конечно успеа да го надмине Мирослав Клосе, на кој му требаа 132 натпревари за да стигне до истата бројка.
Кога го прашаа дали сега е најголемиот германскиот напаѓач на сите времиња, откако му го собори рекордот, Клосе се поднасмевна и го нарече прашањето шега. Доколку Милер го одиграше истиот број на натпревари како Клосе и ако стрелаше со исто темпо, ќе ја завршеше репрезентативната кариера со 150 гола. Но тој сепак одлучи да се повлече на 28 години.
Го постигна најважниот гол за својата земја, вреден светска титула во 1974-та кога во финале ја совладаа Холандија со 2:1. Неговиот рекорд од 14 мундијалски голови му го сруши исто така Клосе на СП 2006.
Не е лошо за играч кој поради изгледот го добил прекарот „низок и дебел Милер“, а му го дал поранешниот репрезентативец на Југославија, Златко Чајковски кој му бил прв тренер во Баерн.
Герд Милер е роден на 3 ноември 1945-та во Нордлинген, град познат по своите занаетчии и особено ткаењето во кое служел како помлад чирак. Додека се школувал почнал да стекнува репутација меѓу стрелците и углед во клубот од неговиот роден град, со што го побивал неговиот првичен изглед.
Откако постигнал повеќе од 50 голови во 1964-та, Милер бил доведен во растечкиот состав на Баерн, поддржан од имиња како Франц Бекенбауер и Сеп Мајер.
Тројцата заедно ќе го издигнат клубот на незамисливи височини, со тоа што головите на Милер помогнаа Баерн да ја освои Бундеслигата четири пати помеѓу 1969-та и 1974-та година.
Како што неговиот клуб растеше и го градеше статусот на европска суперсила, така тој го губеше првиот деградирачки прекар и развиваше нов: Дер Бомбер. Колку и да изгледаше тешка неговата шанса за гол, веќе стана прифатливо дека Милер ќе најде начин да ја залепи топката во мрежа.
Во 1972-ра, две години откако ја освои Златната топка, пред Боби Мур, Милер доминираше на Европското првенство во Белгија. Покрај во финалето на СП, неговите голови ќе останат запаметени и во финалниот меч на ЕП, каде даде два против Советскиот Сојуз за победа од 3:0 и уште еден пехар.
По Мундијалот на свој терен во 1974-та, Милер се повлече од репрезентација и продолжи со клупски фудбал. Во 1979-та отиде по стапките на Бекенбауер и направи трансфер од Баерн во САД, каде потпиша за Форт Лодердејл Страјкерс. Играше три сезони и отвори ресторан, пред да објави дека ќе се пензионира во 1982-ра.
⚽ One of THE great goalscorers of all time
— FIFA World Cup (@FIFAWorldCup) November 3, 2019
🏅 Golden Boot winner at the 1970 #WorldCup
🏆 1974 FIFA World Cup winner
Happy birthday, Gerd Müller! 🥳🇩🇪#HBD | @DFB_Team_EN pic.twitter.com/JxBSSfeUXL
Во пост фудбалската кариерата, Милер стигна до клиника за зависност од алкохол, а непосредно пред неговиот 70-ти роденден во 2015-та, Баерн објави дека му била дијагностицирана Алцхајмерова болест.
Германија е во жалост од трагичната објавата во неделата попладне, а почит му оддадоа и на синоќешното финале од германскиот Супер Куп.