Многу спортски новинари синоќа веќе спремија наслов како Италија загубила квалификациски меч првпат после 6. септември 2006. година. Десетина минути ги делеа од save на статијата, но Де Роси од пенал ги натера комплетно да го менуваат и насловот и текстот.
Италија е Италија и страшната серија од 51 меч не би траела повеќе од 10 години ако не успеаа да се извадат од најнезгодните ситуации, да одиграат на резултат без ѕвезди и без познати имиња.
Во целата историја Италија била дел од секое големо натпреварување.
Последен пат со спуштени глави напуштија меч од квалификации против Франција во Париз која беше цврсто решена да им се одмазди за поразот во финалето на Светското првенство во Берлин два месеци претходно. Аѕурите тогаш ги предводеше Роберто Донадони, а голем дел од играчите на Франција која победи 3:1 се во пензија. Па дури и судиите на тој меч се пензионирани.
Буфон го матираа Сидни Гову (од Лион, го паметите) на два пати и Тиери Анри. Единствениот гол за Италија го даде Џилардино. Пред поразов во Париз, Аѕурите ремизираа со Литванија, но и покрај тоа на крајот завршија како победници на групата со дури 9 победи!
Сега е актуелен петтиот циклус квалификации после тој меч на „Сен Дени“ а Италија уште не знае како е да се изгуби. Поминаа 10 години, еден месец и два дена. Од оние Италијанци кои таа 2006-та играа против Франција активно играат уште: Џиџи Буфон и Андреа Барѕаљи (ќе допатуваат во Македонија), Андреа Пирло, Антонио Касано и Аллберто Џилардино. Сите други веќе уживаат во пензијата. Канаваро стана тренер во кинескиот Тианџин а Фабио Гросо ги тренира пионерите на Јувентус. Да стане тренер се обидува уште и Џенаро Гатузо.
Од селекцијата што ја совлада Италија денес само тројца активно играат фудбал, а од тие тројца само еден сериозно и тоа е Франк Рибери, тогаш најмладиот член на „Галските петлови“.
Кои беа „јунаците“ во операцијата да се победи Италија, нешто за што ретко кој во нашава земја во моментов би се осудил да размислува. Освен ако не е непоправлив оптимист.
РАЈМОН ДОМЕНЕК (64) - За него пишувавме неколку пати. Тој е најомразениот француски селектор на сите времиња од кога постои фудбалот. Многу негови претходници и наследници и натаму се занимаваат со професијата тренер, но тој после 2010. година не му се врати на фудбалот. Годинава „на кафанска маса“ прифатил да биде селектор на импровизираната репрезентација на француската покраина Бретања. Доменек остана запаметен по очајните резултати, по гласините дека ги бирал играчите по хороскопски знак но и по караниците во тимот и по раните испаѓања од големите натпреварувања.
ГРЕГОРИ КУПЕ (43) - Легендарниот француски голман за последен пат носеше ракавици на 1. јули 2010. година кога ги закова копачките на ѕид. Се пензионираше како голман на ПСЖ. „Европското 2012 е предалеку. Тогаш ќе имам 39 години и нема да можам да се борам со Лорис и Манданда“, изјави тогаш ветеранот Купе.
ВИЛИ САЊОЛ (39) - Поранешниот десен бек на Сент Етјен, Монако и Баерн Минхен во 2008. година се прости од фудбалот како играч на Баерн Минхен II. Почна да работи како селектор во младинската репрезентација на Франција а во 2014. година го презеде Бордо каде го сменија пред неколку дена по убедливиот пораз од Ница 6:1. Сањол има четири деца.
ВИЛИЈАМ ГАЛАС (39) - Еден од ретките играчи кој играл за Челси, Арсенал и Тотенхем, омразените лондонски ривали. Во 2013. година тргна да игра во Австралија и таму настапуваше една сезона за Перт Глори по што ја заврши кариерата. Французите го паметат и по добро и по лошо. Селекторот Доменек го избрка од репрезентацијата заедно со Николас Анелка по дебаклот во Јужна Африка 2010-та.
ЛИЛИЈАН ТУРАМ (44) - Човекот кој на „Градски“ го гледавме во дресот на Парма против прилепска Победа е легендарен фудбалер кој играше за Монако, Парма, Јувентус и Барселона. На „Камп Ноу“ одигра две сезони и во 2008-ма ја заврши кариерата поради проблеми со срцето. Со Франција беше Светски шампион во 1998. година. Постигна два екстремно важни голови во полуфиналето против Хрватска 2:1. Сега во Франција е активиран во политиката.
ЕРИК АБИДАЛ (37) - Човекот по кого плачеше пола Барселона не игра фудбал од 2014-та година и краткиот престој во Олимпијакос по епизодата во Монако. Долги години играше за Барса каде тешко се разболе и имаше операции и трансплантации на црниот дроб. Туморот неколку пати му се враќаше, но Абидал не се даваше и се враќаше на теренот.
ПАТРИК ВИЕРА (40) - Еден од најдобрите играчи на оваа селекција и во Европа воопшто. Беше легенда на Арсенал и познат по страшната борбеност и дуелите. Уште се памети неговата тепачка со Рој Кин од Манчестер. Сега работи како тренер на Њујорк Сити - филијала на Манчестер Сити. Од 2013 до 2015 работеше со младите категории на Сити а сега ја развива новата екипа од Њујорк. Работеше и како стручен консултант на британска телевизија.
КЛОД МАКЕЛЕЛЕ (43) - Позицијата последен играч во врска е синоним за човекот роден во Киншаса, тогашен Заир а денес ДР Конго. Ја заврши кариерата пред пет години во ПСЖ откако освојуваше трофеи како ас на Реал Мадрид и Челси. Играше уште и за Нант, Марсеј и Селта. Едно време му беше помошник на Карло Анчелоти во Пари Сен Жермен. Се обиде сам да биде тренер во Бастија но таму издржа само шест месеци (од мај до ноември 2014-та).
СИДНИ ГОВУ (37) - Крилниот напаѓач играше за Лион цела деценија, од 2000-та до 2010-та. Во тоа време тимот од „Жерлан“ беше непобедлив, нешто како Баерн Минхен во Бундеслигата. Подоцна заигра и за Панатинаикос а во 2015. стана член на Мајами Сити кој игра во развојната лига на МЛС. За Франција одигра 49 меча а блесна токму на дуелот со Италија во квалификациите 2006-та.
ФРАНК РИБЕРИ (33) - Овој човек е единствениот активен играч од генерацијата која што и го нансесе на Италија последниот пораз во некои квалификации. Игра за Баерн веќе 10 години но не и за Франција која што ја напушти поради лошиот третман во медиумите, сојузот. Во 2014-та година реши да ја затвори вратата на репрезентацијата.
ФЛОРАН МАЛУДА (36) - Колку што е Гову активен, толку е и Малуда кој играше за Шатеру, Генгамп, Лион, Челси, Трабзонспор и Мец. Од 2015-та е во индискиот Делхи а едно време беше позајмен во египетскиот тим Вади. Ќе игра уште една сезона во Индија. За Франција настапи 80 пати но ниту еднаш после 2012-та година.
ТИЕРИ АНРИ (39) - Нема да ни замерите ако кажеме дека беше најдобар играч на оваа селекција. Во моментов работи како помошник тренер на селекторот на Белгија, Роберто Мартинез (поранешен тренер на Евертон). За Анри се е кажано, не би додале ништо.
Од тој пораз на „Сен Дени“ Италија смени дури пет селектори (Донадони, Марчело Липи, Чезаре Прандели Антонио Конте и сега актуелен е Џампјеро Вентура). Неколку стотици играчи продефилираа во синиот дрес на Италија, се сменија градови, противници, стадиони и фудбалски правила, но Италија не знае за пораз во квалификации за Европско или Светско првенство.
Немој да фрлате со дрвја и камења по нас ако кажеме дека бар за момент помисливме што сè би можело да се случи ако Македонија...