Патот на Еден Азар до славата

Челси му е втор клуб во професионалната кариера, но му даде верност до 2020 година и плата од 200.000 фунти неделно. Прогресот во кариерата му е брз, без многу застој, а од неговото шестчлено семејство нема ниту еден кој се занимавал со нешто друго, а да не е фудбал.

Талент на 4 години

Тоа што на 24 години е еден од главните играчите на клуб од рангот на Челси кој му даде доверба до 2020 година не е воопшто за чудење. Еден Азар го покажал својот талент уште на 4 годишна возраст во Ројал Штад Браиноис, клуб од градот каде што е роден. Пред да се пресели во Белгија во младинскиот тим Тубизе, Азар се калеl во Ројал 8 години, а тренерот за него рекол: „Немам што да го учам, сè знае“.

Фудбалско семејство

Обично кај некои фудбалери имаме случаи кога се талентирани како својот брат или татко, но тука ситуацијата е една од поретките. Фудбалери во неговото семејство биле и неговите двајца родители. Татко му Анри имал успешна кариера во клубот Лавр во втората белгиска лига, додека мајка му Керин играла како напаѓач во првата белгиска лига.

Тројца браќа фудбалери

По стапките на родителите, не тргнал само Еден Азар, туку и сите неговите помали браќа. Торган исто така е член на Челси и има 21 година, а многумина сметаат дека тој ќе биде уште подобар од него. Минатата година ја освои „Златната копачка“ додека беше позајмен во Зулте Варегем, а сега е на позајмица во Борусија Менхенгладбах. По неговите стапки на позајмица во Варегем е и третиот брат Килиан кој има 19 години, додека четвртиот брат Етан кој има 11 години е дел од младинската академија во Тубизе, вториот младински состав каде се калеше Еден.

Искуство во низок ранг

Откако во 2005 година стана член на младинската академија на Лил, му беа потребни две години за да го потпише првиот професионален договор.  И покрај тоа што клубот тогаш беше дел од четврта лига Азар мораше да има трпение, бидејќи беше сè уште беше само резерва. Но откако добил шанса да влезе во игра, веднаш ги покажал своите силни перформанси и добил повик во првиот тим на пријателски меч во ноември 2007 година. Тренерот Клод Пуел веднаш забележал дека во неговиот тим се раѓа ѕвезда и по само еден месец дебитирал против Нанси во првенството.

Првиот гол за Лил

Сезоната 2008/2009 Лил ја почна со новиот тренер, Руди Гарсија, кој сега ја води Рома. Тој има голем придонес во кариерата на Азар кој му даде шанса уште на 17 години. За време на мечот против Оксер, Лил губеше со 2:1, но откако Азар влезе во игра, го израмнил резултатот со голчиште во 88 минута, а потоа следел и целосен пресврт за победа од 2:3. Белгиецот станал најмладиот стрелец во историјата на Лил, а таа сезона бил прогласен за најдобар млад играч во француското првенство.

Деби за Белгија

Младиот 18 годишен талентиран играч на Лил, не останал незабележан од селекторот на Белгија Рене Вандеркен. Дебито за репрезентација му се случи на 18 ноевмри 2008 година кога влезе како замена против Луксембург, а тоа го направи осми најмлад играч кој заиграл за белгиската селекција со 17 години и 316 дена. По многуте асистенции, офанзивното крило првиот гол за својата земја го постигна против Казакхстан во 2011 година.

Двојна круна

Сезоната 2010/2011 е сезона на Лил кој под водство на Гарсија стана шампион на Франција, а во финалето од купот го совлада ПСЖ. Со фантастични партии и 12 постигнати голови, наградата за фудбалер на годината во Лига 1 отиде во рацете на Азар. Тој доминираше и следната сезона кога повторно ја доби наградата, но овој пат со уште подобри игри и 22 постигнати голови. Од оваа сезона почнаа споредбите со Кристијано Роналдо.

Челси

По неколку месечни шпекулации за неговата иднина, Азар беше поврзуван со двете екипи од Манчестер кои трчаа по неговиот потпис. Но на крајот од сезоната 2011/2012 на Твитер напиша: Ќе потпишам за освојувачот на Лигата на шампионите. За сума од 32 милиони фунти Челси го купи еден од најдобрите млади играчи во светот, а тој за кусо време покажа што знае. На дебито против Виган постигна гол од пенал и му асистираше на Ивановиќ. Во првата сезона постигна 13 голови и го подигна пехарот во Лига Европа.

Печатот кој го остави во втората сезона

Откако остави голем белег во првата сезона, Азар му влезе под кожа и на Жозе Мурињо. Челси минатата сезона не освои ниту еден трофеј, но Белгиецот почна драстично да се истакнува во играта на својот тим и сезоната ја заврши со 17 голови. Наградата за најдобар играч на сезоната во Премиер лигата отиде кај Луис Суарез, а Азар заврши втор, но тој беше крунисан со признание за најдобар млад фудбалер на годината во Премиер лигата, а беше ставен и во тимот на годината.

СП Бразил 2014

Минатото лето Еден Азар дебитираше на Мундијалите, но од него се очекуваше многу повеќе на собирот во Бразил. Златната генерација на Белгија ги совлада сите противници во групната фаза. Поради неприкосновениот Тим Хауард кој имаше 15 одбрани, Белгија го мина САД со 2:1 дури во продолженијата, но четвртфиналето кое се викаше Аргентина им беше преголем залак. Следната шанса за да се покаже колку е важен за својата земја ќе ја има следната година на Европското првенство во Франција. 

13 февруари 2015 - 18:23